Линкови за пристапност

Шефот на американската одбрана во ненајавена посета на Ирак


Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин изјави денеска за време на ненајавената посета на Ирак дека американските сили кои дејствуваат во земјата се фокусирани на поддршка на ирачките сили и поразување на групата Исламска држава, истовремено нагласувајќи ја потребата од безбедност за извршување на таа мисија.

„Нашата одбранбена соработка е клучен столб на нашите билатерални односи и САД остануваат посветени на оваа борба за поддршка на безбедноста на Ирак и безбедноста на целиот регион“, им рече Остин на новинарите по средбата со ирачкиот премиер Мохамед Шија ал-Судани.

Остин им се заблагодари на ирачките лидери за посветеноста да обезбедат коалициските сили кои дејствуваат во Ирак да бидат заштитени.

Американските сили и американската амбасада во Багдад беа цел на ракетен напад од полицијата поддржана од Иран.

САД имаат околу 2.500 војници во Ирак со мисија да ги советуваат и помагаат ирачките војници во борбата против групата Исламска држава.

Остин го пофали Ирак за враќањето на ирачките граѓани од установите за притвор и од камповите за раселени лица во североисточна Сирија и ги охрабри сите земји да го сторат истото со своите државјани.

Американскиот Стејт департмент минатиот месец соопшти дека има околу 10.000 луѓе во камповите за раселени лица Ал Хол и Рој.

Посетата на Остин следи по посетата минатата недела на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, кој вети „длабока солидарност со ирачкиот народ и надеж дека Ирак ќе се соочи со иднина на мир и просперитет и со консолидирани демократски институции“.

Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес, агенција Франс прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG