Властите во Украина денеска соопштија дека руски проектил погодил станбена зграда во јужниот украински град Запорожје, при што загинале најмалку три лица.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави на Телеграм дека проектилот уништил три ката од зградата и дека напорите за пребарување се во тек.
„Терористичката држава сака секој ден за нашиот народ да го претвори во ден на терор. Но, злото нема да владее во нашата земја“, рече Зеленски. „Ќе ги избркаме сите окупатори и тие дефинитивно ќе одговараат за сè“.
Украинската војска во четвртокот извести дека руските сили „продолжуваат да напредуваат и го напаѓаат“ градот Бахмут, кој со месеци е место на жестоки борби.
Украинската заменик-министерка за одбрана, Хана Малиар, во средата изјави дека Киев испратил засилување во Бахмут, иако руските сили постепено ја зајакнуваат својата позиција таму. Но, таа не кажа колку војници се распоредени или како ќе се користат - дали како борци за одбрана на градот или можеби како логистичка поддршка доколку Украина одлучи да се повлече.
Бројот на загинати во Бахмут е голем и за двете страни.
Голем дел од руските борби во и околу Бахмут ги водеа војници од Вагнер групата, платеничка паравоена сила чиј водач, Евгениј Пригожин, има блиски врски со Путин.
Во средата, Пригожин во аудио порака на социјалните мрежи рече дека нема знаци дека украинските сили се повлекуваат од градот.
Некои информации во овој извештај се од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс.