Линкови за пристапност

Нема консензус за војната во Украина меѓу министрите за надворешни работи на Г20


Министрите за надворешни работи на Групата 20 не беа во можност да ги усогласат разликите во врска со руската инвазија на Украина, за време на состанокот на Г20 во Индија.

Индискиот министер за надворешни работи С. Џаишанкар им рече на новинарите дека поделеноста ја спречи групата да издаде заедничка изјава, наведувајќи ги „многу поларизираните ставови“ што некои земји ги имаа во врска со конфликтот.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и кинескиот министер за надворешни работи Чин Ганг беа меѓу оние во Њу Делхи.

Висок американски функционер изјави за новинарите дека Блинкен накратко се сретнал со Лавров на маргините на состанокот во четвртокот и подвлече дека САД се подготвени да ја поддржат Украина во одбраната онолку долго колку што е потребно.

Џаишанкар ги наведе пошироките ефекти од руската војна во Украина врз земјите во развој, вклучително и влијанието врз цената на горивото, храната и ѓубривата.

Џаишанкар во четвртокот рече дека освен за украинскиот конфликт, министрите за надворешни работи на Г-20 успеале да постигнат консензус за „главниот дел од прашањата“. Тој го наведе зајакнувањето на мултилатерализмот, промовирањето на безбедноста на храната и енергијата, климатските активности, родовите прашања, глобалното здравје, борбата против тероризмот и борбата против наркотици.

Премиерот Нарендра Моди ги повика земјите да работат заедно дури и ако не се согласуваат за некои прашања.

„Како министри за надворешни работи, природно е дека вашите дискусии се под влијание на геополитичките тензии на денот“, рече Моди во видео обраќањето. „Сепак, како водечки економии во светот, имаме одговорност и кон оние кои не се во оваа просторија“.

Тој рече дека светот очекува од Г-20 да се справи со растот, развојот, економската отпорност и катастрофи, финансиската стабилност, корупцијата, тероризмот и безбедноста на храната и енергијата.

„Не треба да дозволиме прашањата што не можеме да ги решиме заедно да им наидат на патот на оние што можеме“, рече Моди.

Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес, агенција Франс прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG