Линкови за пристапност

Бектеши: Цената на лебот се замрзнува за да се заштитат граѓаните


Министерот Бектеши најави мерки за да ги стабилизира цените на тестенините, а на неделно ниво ќе се разгледуваат цените за другите прехранбени продукти и не се исклучува можноста од проширување на листата на продукти со замрзнати цени. Одлуката за укинување на субвенционирата струја за прехранбениот сектор е кај правници на разгледување и доколку Владата ја одобри ќе почне од 1 март или 1 април. Досега околу 1,5 милион евра од Буџетот се платени за струја која ја потрошиле компаниите од прехрамбениот сектор од кои голем дел не ги намалија цените




СКОПЈЕ – Граѓаните нема да плаќаат произволни цени за белиот и полубелиот леб од 1 март. Министерот за економија Крешник Бектеши најави дека од 1 март ќе ја замрзне цената на овие два продукта и ќе изнесува 33 денари. Одлуката за замрзнување според најавите ќе се донесе на владината седница во вторник.

„Сакам да најавам дека во вторник ќе се замрзне цената на лебот и нема да биде над 33 денари. Пзараниот инспекторат ќе проверува не само за цената туку и за количината бидејќи утврдивме дека одредени трговци ги намалија цените но и грамажата. Под 450 грама бел и полубел леб нема да се продава над 33 денари. Нема да оставам граѓаните да плаќаат повисоки цени од реалните. Министерството за економија работи и за другите производи и ќе следат нови одлуки во делот на замрзнување на цените. Нема да има воени профитери во време на голема криза, ова е само првиот чекор “, дециден е министерот Бектеши.

Тестенините се следниот основен прехранбен продукт каде ќе се интервенира а според министерот Бектеши за спречување на евентуалниот раст можно е да се укинат царинските давачки. На неделно ниво ќе се разгледуваат цените за другите прехрамбени продукти а се чека на податоци од министерството за земјоделство за натамошното постапување околу цените на овошјето и зеленчукот.

Граѓаните и понатаму бараат намалување на цените на основните прехранбени производи бидејќи велат дека економската стотјба станува неиздржлива а во маркетите нема ред и секојдневно се сретнуваат со нови цени.

„На леб, млеко, на кашкавал, на јајца, на месо... На сите производи се покачени цените. И овошјето и зеленчукот се скапи. Ужас е ова навистина. На сите основни прехранбени производи треба да се замрзнат цените“, вели скопјанката Ивана Алексовска.

Дел од компаниите од пекарската индустрија најавија дека можно е да стават клуч на врата поради укинувањето на субвенцонирана струја уште пред да се најави замрзнувањето на цената на лебот. Според бектеши тоа е притисок врз Владата и тој нема да отстапи од одлуката.

„Се закануваат со затварање од нивна страна.Подобро да затворат отколку шетата да биде на грбот на граѓаните. Не ми требаат такви компании кои ќе имаат цени од 45 денари за 450 грама бел леб. Слободно нека затворат и дополнително нови мерки за нив нема да има. Да им ги платиме работниците, суровите и сите оперативни трошоци а тие да профитираат на грбот на потрошувачите. Нас ни требаат сериозни општествено одговорни компании особено во време на криза“, кажа Бектеши.

Во претстојниот период стоковите резерви нема да се активираат а на во продавниците и марктетите ќе има засилени контроли од пазарниот инспекторат во однос на маржите. Според министерот Бектеши ризик од нагло зголемување на цените откако евентуално ќе се укине замрзнувањето на цените нема да има освен ако нема драстично поскапување на цените на суровините.

Кога станува збор за укинувањето на субвенционираната струја за компаниите од прехранбениот сектор, доставената предлог одлука за укинување на мерката ја разгледуваат правни експерти, Бектеши е убеден дека ќе помине на седница на Влада во вторник а единствена непозната е дали ќе биде на сила од 1 март или од 1 април. Евентуално чистење на списокот од компаниите кои ја злоупотребиле мерката а кои според Бектеши се дури 60 отсто нема да има. Ќе загубат и компаниите кои ја почитуваа мерките поради оние што не почитувале бидејќи нема поединечно преговарање

„Значи ќе мора и за нив да се укине оваа мерка иако тие го исполниле тоа што го ветиле, но ние не разговараме поединечно со компании. Ние субвенционираме над 250 компании и не преговараме поединечно. Разговаравме со нивните претставници - Стопанските комори. Нивен претставник излезе на прес и кажа дека ако се субвенционира струјата ќе има одредено намалување за производите опфатени со одлуката. 60 до 70 отсто од комапниите тоа не го испочитуваа“, дециден е министерот.

Досега според грубите проценки на надлежните од Буџетот се потрошени над 1.5 милиони евра за субвенционирање на сметките за потрошена струја кај компаниите од прехрамбениот сектор кои беа опфатени со оваа мерка а кои трошеа во просек по 6.500 мегават часа струја месечно.

XS
SM
MD
LG