Линкови за пристапност

Јелен:  САД сакаат да ги зајакнат санкциите против Русија


Американската секретарка за финансии Џенет Јелен изјави денес дека Вашингтон се обидува да ги зајакне санкциите против Русија и повика на поголема поддршка за Украина.

Таа зборуваше во индискиот технолошки центар Бенгалуру, каде што финансиските лидери на Групата 20 водечки економии ќе разговараат за предизвиците како што се високиот долг и инфлацијата со кои се соочуваат многу земји со ниски приходи.

„Како што рече американскиот претседател Џо Бајден, ние ќе застанеме со Украина во нејзината борба – онолку долго колку што е потребно“, рече таа на прес-конференција пред состанокот на Г-20.

Јелен, кој ја нарече руската војна во Украина „стратешки неуспех на Кремљ“, рече дека американската воена и економска помош ѝ овозможува на Украина да се спротивстави на инвазијата и дека „континуираната и силна“ поддршка за земјата ќе биде голема тема на разговор за време на состанокот на Г-20.

Таа рече дека во наредните месеци, САД очекуваат да обезбедат околу 10 милијарди долари дополнителна економска поддршка за Украина и сакаат Меѓународниот монетарен фонд да преговара за договор за кредитирање на Украина.

Западните санкции наметнати на Москва имаат „многу значаен негативен ефект врз Русија досега“, истакна Јелен.

Јелен, исто така, предупреди дека обезбедувањето каква било материјална поддршка за воените напори на Русија ќе предизвика „многу сериозна загриженост“. Нејзината забелешка дојде еден ден откако Русија и Кина воспоставија поблиски врски за време на посетата на високиот дипломат на Пекинг, Ванг Ји, во Кремљ. САД изразија загриженост дека Кина би можела да и достави оружје на Москва за да и помогне во нејзините воени напори.

Јелен даде оптимистичка нота за глобалната економија, велејќи: „Денес е на подобро место отколку што многумина предвидуваа пред само неколку месеци“. Но, таа предупреди: „Сè уште не сме излезени од тунелот“.

Меѓународниот монетарен фонд процени дека околу 15 отсто од земјите со ниски приходи се во „проблеми од долгови“. Тие земји се: Шри Ланка, Лаос и Авганистан во Азија до Замбија во Африка и Венецуела и Аргентина во Јужна Америка.

Јелен рече дека се надева оти Кина ќе соработува со другите нации во обезбедувањето олеснување на долгот на загрозените земји, особено во Замбија и Шри Ланка.

На маргините на разговорите на Г-20 се состануваат и министрите за финансии од Групата седум. Тие ќе разговараат за можни нови санкции против Москва, изјави францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер, кој исто така е во Бенгалуру.

Индија, која одржува неутрален став околу руската војна во Украина и продолжува да купува нафта од Москва, веројатно нема да сака прашањето за дополнителни санкции да се дискутира на состаноците на Г-20.

Собирот на министрите за финансии што започнува во петок е првиот голем состанок на едногодишното претседателство на Индија со блокот.

XS
SM
MD
LG