„Ние како земја не сме по ништо исклучителни и различни во ваквите напади кои се интензивираат по нападите во Украина, а со која трети страни сакаат да направат хаос во државниот систем“, вели Магдалена Филиповска Грашкоска, директорка на фондот за здравствено осигурување.
Така вели директорката на Фондот за здравство во своето прво појавување пред јавноста повеќе од две седмици по хакерскиот упад во системот на фондот и блокирањето на податоците. Според неа, две седмици е брз период за враќање на функционалноста на системот. Уверува дека при нападот немало какво било одлевање на информации за граѓаните.
„Нападот беше насочен само на системите во кои спаѓаат виртуелни системи, но не и на податоците. Податоците од граѓаните се чуваат во маскирана форма и не се читливи со голо око без поврзување на апликативниот сервер кој во нашиот случај не беа афектирани во сегашниот напад. Се работи за виртуелни сервери на Фондот кои се лоцирани во рамки на интерниот дата центар“, додава таа.
Но, освен ова Филиповска-Грашковска не даде одговор на неколку клучни прашања – кој е одговорен за нападот, колку пари биле побарани за декриптирање на податоците, дали таа чувствува одговорност за инцидентот кој го блокираше здравствениот систем...
„Отворена е истрага, тоа е предмет на истрага. Има прелиминарна анализа направено, меѓутоа и таа е вклучена во истрагата. Сите овие прашања ќе бидат одговорени по завршување на истрагата“, вели Филиповска-Грашковска.
Блокирањето на системот на Фондот резултираше и со доцнење на платите на вработените во здравствениот сектор кои денеска излегоа на протест барајќи подобри услови за работа, колективен договор, повисоки плати...
„Дали имало упад, немало упад или не знам што, тоа е нивна работа и нивни проблем, они треба да си го решат благовремено и навремено да ни ги дадат платите“, вели Русе Пецаноски од синдикатот на клинички центар.
Хакерскиот упад во Фондот се случи на 6 февруари, огромната база податоци беше заклучена, а тоа доведе до сериозни проблеми со сервисирањето на здравствените услуги за граѓаните, но и исплатите за вработените во медицинските институции. Надлежните, сега, уверуваат дека тоа нема да се повтори.