Линкови за пристапност

Осум загинати по новиот земјотрес во Турција


Бројот на загинати се искачи на најмалку осум лица од најновиот земјотрес што го погоди пограничниот регион на Турција и Сирија во понеделникот, две недели по големиот земјотрес во кој загинаа речиси 45.000 луѓе.

Земјотресот во понеделникот беше со јачина од 6,4 степени, а епицентарот беше во градот Дефне, во турската провинција Хатај, област која беше сериозно оштетена од земјотресот на 6 февруари.

Новиот земјотрес беше почувствуван во неколку земји, меѓу кои Сирија, Јордан, Либан и Египет, а беше проследен и со земјотрес со јачина од 5,8 степени.

„Одеднаш, зградата се затресе. Веднаш истрчав долу од вториот кат. Страшно се тресеше. Многу е тажно“, изјави за турската служба на Гласот на Америка, жител на Газиантеп, Ахмет Килиќ.

Тој рече дека се плаши да се врати во својата куќа бидејќи живее сам.

Друг жител на Газиантеп, Зејнеп Девечи, изјави за Гласот на Америка дека штотуку се вратил во својот дом по земјотресот на 6 февруари.

„Вчера се вратив, а денес повторно сме на улица, не знаеме каков ќе ни биде крајот.

Спасувачките екипи пребаруваа во неколку урнати згради во Хатај каде се верува дека има луѓе заробени.

Сириската државна новинска агенција САНА јави дека шест лица се повредени во Алепо.

Исто така во понеделникот, конвој на ОН што превезуваше хуманитарна помош се проби низ новоотворениот граничен премин во Сирија кај Ал-Раи.

Портпаролот на ОН Стефан Дужарик рече дека сега има три целосно оперативни гранични премини за влез на Обединетите нации во Сирија.

Тој рече дека ОН сега испратиле 227 камиони во областите под контрола на бунтовниците во северозападна Сирија и рече дека се во тек подготовки за испраќање повеќе камиони преку сите три гранични премини.

Во Турција, претседателот Реџеп Таип Ердоган претходно во понеделникот го посети Хатај и рече дека неговата влада следниот месец ќе започне со изградба на речиси 200.000 нови домови во покраината.

Исто така во понеделникот, Ердоган се состана во Анкара со американскиот државен секретар Антони Блинкен во посета на земјата, кој еден ден претходно ги објави ветувањата на САД од 100 милиони американски долари дополнителна помош за Турција и Сирија.

Новата помош ја зголемува вкупната американска помош на 185 милиони американски долари и ќе биде обезбедена за меѓународни и невладини групи кои се вклучени во напорите за спасување и закрепнување.

„САД се тука да ве поддржат во вашето време на потреба, а ние ќе бидеме покрај вас се додека е потребно за закрепнување и обнова“, им рече Блинкен на новинарите во понеделникот за време на заедничката прес-конференција со турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.

Некои информации во овој извештај се од Асошиетед прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG