Линкови за пристапност

Рекордни 6.542 пиштоли пронајдени кај патници на американските аеродроми во 2022 година


АТЛАНТА (АП) – Кај жена која летала од аеродром во Филаделфија минатата година во нејзината чанта бил пронајден наполнет пиштол со калибар 0,380 во црна футрола.

Оружјето било едно од 6.542 пиштоли што Управата за транспортна безбедност ги пресретна минатата година на контролните пунктови на аеродромите низ земјата. Бројката - приближно 18 дневно, била со највисока вредност на сите времиња за пресретнати пиштоли на американските аеродроми и предизвика загриженост во време кога повеќето Американци се вооружени.

„Она што го гледаме на нашите контролни пунктови навистина го одразува она што го гледаме во општеството, а во општеството има повеќе луѓе кои носат огнено оружје во денешно време“, рече администраторот на ТСА, Дејвид Пекоске.

Со исклучок на 2020 година, поради пандемијата, бројот на оружја пресретнати на контролните пунктови на аеродромите се зголемува секоја година од 2010 година. Експертите не мислат дека ова е епидемија на потенцијални киднапери - речиси секој фатен тврди дека заборавил дека има пиштол со нив - но тие ја нагласуваат опасноста дека дури и еден пиштол може да заврши во погрешни раце во авион или на контролен пункт.

Пиштоли се пресретнати буквално од Бурбенк, Калифорнија, до Бангор, Мејн. Но, тоа има тенденција да се случува повеќе на поголемите аеродроми во областите со закони попријателски за носење пиштол, рече Пекоске. Топ 10 листата за пресретнување со оружје во 2022 година ги вклучува Далас, Остин и Хјустон во Тексас; три аеродроми во Флорида; Нешвил, Тенеси; Атланта; Феникс; и Денвер.

Пекоске не е сигурен дека изговорот „заборавив“ е секогаш вистинит или дали тоа е природна реакција. Без разлика, рече тој, тоа е проблем што мора да престане.

Кога вработените во ТСА ќе видат оружје на апаратот за рендген, тие обично ја запираат лентата за торбата да остане во машината и патникот да не може да дојде до неа. Потоа повикаат локална полиција.

Последиците варираат во зависност од локалните и државните закони. Лицето може да биде уапсено и пиштолот да му биде одземен. Но, понекогаш им е дозволено да го дадат пиштолот на придружник кој не лета со нив и да продолжат по својот пат. Истоварените пиштоли може да се стават и во чекирани торби под претпоставка дека ги следат соодветните процедури.

Минатата година ТСА ја зголеми максималната казна на 14.950 долари. Патниците исто така го губат статусот за предвремено чекирање затоа што тоа им овозможува да ги заобиколат некои видови скрининг и тоа во времетраење за пет години. Порано беше три години, но пред околу една година агенцијата го зголеми времето и ги промени правилата. Патниците исто така може да го пропуштат својот лет, како и да го изгубат пиштолот. Ако федералните власти можат да докажат дека лицето има намера да го однесе пиштолот покрај контролниот пункт во она што се нарекува стерилна област на аеродромот, тоа е федерален прекршок.

Експертите и официјалните лица велат дека порастот на пресретнувањето оружје едноставно одразува дека повеќе Американци носат оружје.

Националната стрелачка спортска фондација, индустриска трговска групација, ги следи податоците на ФБИ за проверките на позадината потребни за продажба на огнено оружје. Бројките беа нешто повеќе од 7 милиони во 2000 година и околу 16,4 милиони минатата година.

XS
SM
MD
LG