Напади, навреди, закани и шиканирање се дел од секојдневието на новинарите и медиумските работници во државата и тоа мора да се смени е пораката од протестниот марш. Владата мора да запре со агресивниот ПР а државните службеници со омаловажувањата на новинарите. Законски и системски решенија а не парцијални одлуки се клуч на решението. Интегритетот на новинарите и медиумските работници мора да се зачува бидејќи тоа е во интерес на граѓаните.
СКОПЈЕ – „Нема да молчиме”, „Стоп за агресивниот државен пи-ар“, „Сиромаштија е еднакво на автоцензура“, „Работиме за граѓаните а не за политичарите“, „Партии мартии, рацете подалеку од новинарите“ се само дел од пораките на транспарентите кои денеска ги носеа новинарите и медиумските работници на протестниот марш во Скопје. Маршот под мотото„ марш за одбрана на новинарското достонство“ го организираа Задружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот Синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и почна пред Владата а заврши пред Собранието.
Загрозена безбедност, секојдневни напади, навреди и шиканирања, отсуство на заштита и законски решенија, дрзок и потценувачки однос од владини претставници и државни службеници се само дел од причините поради кои новинарите и медиумските работници денеска излегоа на улица.
„ Колегата Неври од Тетово го бркаа со секира, колегата Љубо го удрија со тупаница пред камера,на колешка од ТВ 21 и бришеа снимки од мобилниот телефон, директор пцуеше со најпогрдни зборови новинарка од редакцијата „МКД.мк“, гледаме тужби од бизнисмени и политичари за издржани истражувачи стории, на колешката Маја раководител во Општина и велеше ќе видиш што ќе ти се случи ако дојдеш тука. Навреди и смртни закани на социјалните мрежи се секојднеиве. Ваквиот амбиент не сакаме да го градиме и поддржуваме. Мора да се случат промени“, рече Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ пред Владата.
Тој нагласи дека работите тапкаат во место и се влошуваат, законите важни за медиуммите не се спроведуваат а од ден во ден се поизразен е потценувачкиот однос на функционерите.
„Државниот ПР ја зема работата на новинарите и медиумскиуте работници. Владата создаде најголема редакција во државата. Државните институции и нивните директори имаат проблем да сфатат дека не е транспарентност со денови и недели да чекате одговор а потоа добивате политички памфлет како одговор. Локалните медиуми работат на раб на издржување. Безбедноста на новинарите и медиумските работници не е на задоволително ниво“, дополни Чадиковски.
Новинарката Душица Мрѓа, која го загуби спорот против државата која ја тужеше за настаните од 27 април е децидна, правда за новинарите веќе нема.
„ Пред два дена јас добив честитка од државата дека и должам 31.000 денари за судски трошоци, затоа што го изгубив спорот во првостепена постапка и на Апелација. На онаа иста држава која во Судот тврдеше дека јас сама сум се довела во опасност бидеќи на 27 април во Собранието не сум носела шлем и панцир, бидејќи тоа било настан од висок ризок. А, тоа го потврди онаа судијка која сега се промовира за уставна судијка. Таа смета дека моето право на говор не било нарушено на крвавиот четврток, бидејќи јас во емисииите потоа сум можела да го кажам својот став. Правдата веќе не е ни селективна, особено за новинарите. Овде сум затоа што судовите во Македонија велат дека Трпеновски не е новинар, дека Билјана и колегите од Телма не им било загорезено правото на говор на 27 април, дека животот на Влатко не бил доведен во прашање. Тука сум и за сите колеги кои секојдневно трпат закани и притисоци. И да биде апсурдот поголем, во ова Собрание денес повторно се зборува за аменстија за крвавиот четврток. Правда за новинарите мора да има“, рече Мрѓа.
Социјално економската положба на новинарите и медиумските работници е лоша, особено кај локалните медиуми, нема колективен договор работничките права не се почитуваат.
„Не молчевме ни кога не тепаа, затвараа, шиканираа, отпуштаа од работа. Напротив создадоа џин кој денеска е овде и нема намера да молчи. Социјално економскиот статус на новинарите и медиумските работници е клучен и без него нема слободно новинарство. Повеќе од битно е да се донесат решенија за подобра состојба на новинарите и медиумските работници од внатрешноста кои ќе бидат системски а не працијални. Решенија со која работодавците ќе добијат квалитет а новинарите сигурност. За жал сведоци сме дека најсоновните работнички права не се почитуваат и се заобилокуваат а надлежните институции не реагираат.Бараме услови а не милостина“, изјави Павле Беловски, претседател на ССНМ.
Во пресрет на протестниот марш, во случајно или не, по една година и девет месец чекање Собранието минаа измените на Кривичниот законик каде нападите врз новинарите и медиумските работници ќе се третираат како напад врз службено лице.
„Го поздравуваме донесувањето на измените на Кривичниот закон со кои се предвидува нападот врз новинарите и медиумските работници да се третира како напад врз службено лице, но предупредуваме дека соодветна и доследна примена на овој закон е она што нас не интересира и она што на крајот ќе се мери“,додаде Беловски.
Заканите и нападите врз жените во новинарството мора да запрат, порача новинарката Славица Филиповска.
„Сите истражувања укажуваат на тоа дека жените во оваа професија почесто се изложени на напади, кои за наша среќа засега во најголем дел се само вербални. Важно е надлежните органи брзо и ефикасно да реагираат за секоја поединечна пријава, оти вербалното насилство многу лесно може да стане физичко, или да ги одврати новинарките од намерата да истражуваат за одредени теми“, рече таа и додаде дека интересот за новинарството кај младите е речиси замрен.
На денешниот протестен марш до Владата беа доставени барањата: стоп на негативниот тренд на понижувачки говор од страна на министри, директори, политичари; стоп за агресивниот државен пи-ар што ја зема работата на новинарите, а државните институции ги претвора во потемкиново село за очите на јавноста, поддршка за колегите од внатрешноста во насока на изнаоѓање системско решение за квалитетна новинарска содржина и достоинствени плати, обезбедување услови за квалитетни професионални новинарски продукти за традиционалите, но и новите медиуми, имплементација на законите што се важни во новинарската сфера за обезбедување и независно функционално работење на јавниот сервис и на регулаторот и брза и ефикасна имплементација на законите што ја третираат безбедноста на новинарите.
Заедно со барањата преставниците на здруженијата на новинарите и на медиумските работници доставија акциски план со прецизни точки и временски рокови за спроведување