Линкови за пристапност

Фондот за здравство демантира одлевање на лични податоци


Фондот за здравство демантира одлевање на лични податоци, граѓаните се загрижени, МВР повикува на сериозна заштита од хакерски напади – веќе неколку дена трае ситуацијата со упадот во компјутерскиот систем на фондот што предизвика сериозни проблеми, меѓу другото, и со навремената исплата на платите во здравствениот сектор.

По неколкудневно отсуство на официјални информации, Фондот за здравство, преку соопштение, денеска подетално ја опиша ситуацијата во која се наоѓа по хакерскиот напад. Од дописот произлегува дека состојбата е загрижувачка зашто е извршено заклучување-криптирање на податоци во огромната база на фондот.

„Со помош на тимот од локални и експерти од странство се работи на реставрирање на системот на Фондот со цел да се врати во првобитната форма по заклучувањето на дел од функциите. Експертскиот тим кој работи на солуциите посочува дека не постои еден и единствен начин како се надминуваат предизвиците кои ги предизвикува одреден сајбер напад, без разлика каков вид е истиот, и токму затоа, на домашните и странските тимови им е потребно повеќе време за надминување на штетите кои ги предизвика нападот“, се вели во соопштението.

Проблеми во фондот за здравство
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:33 0:00

Истовремено, надлежните негираат дека при упадот дошло и до кражба на личните податоци на граѓаните.

„Фондот за здравство ја уверува јавноста дека здравствените и лични податоци на граѓаните се целосно безбедни и дека граѓаните треба да бидат спокојни.

При сајбер нападот немаше излевање на податоци надвор од базите на Фондот. Тоа го потврди анализата на експертските технички тимови. Оттука, децидни сме дека, податоците на корисниците на здравствени услуги вклучително и личните податоци се безбедни и заштитени и нема неовластено преземање на личните податоци“, уверуваат од фондот.

По овој инцидент безбедносните институции повикуваат на преземање превентивни мерки против слични упади кои, врвот на полицијата, ги карактеризира како терористички напади.

Сите тие хакерски напади се пријавени и се врши истрага во овој дел. Меѓутоа многу е важно сите институции да преземаме предвремени мерки за заштита на електронските податоци и на електронските системи затоа што најевтино е токму вложувањето во превенцијата. Се друго е многу потешко понатаму кога ќе ни се случуваат. Иако ова е нешто што преставува еден сериозен предизвик. Покрај миграцијата, еден од клучните предизвици ќе биде и тероризмот, а хакерските напади се токму дел од тие терористички напади кои што се прават“, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Прашањето кое пред се е од безбедносен карактер, добива и политичка димензија – опозицијата обвинува за неспособност на надлежните во системот.

„Тоа е уште еден шокантен случај на неспособност којашто боли, на оваа влада на ДУИ поддржана од СДСМ. Имате двајца директори во фондот, едниот од ДУИ, а другиот од СДСМ кои што се буквално заштитени од власта за неспособноста и за ова хаотично работење. Што е резултатот од тоа? Резултатот од тоа е украдени податоци на осигуреници, немотивирани лекари, бидејќи немаат добиено месечна плата која што им следува, десетици илјади се такви....“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Наспроти ваквите изјави на опозицијата од фондот велат дека постепено „се финализираат сите активности за прочистување и проверка на целокупниот систем, дека постепено се враќаат функциите и дека се очекува од наредната недела и исплата на платите на здравствените работници кои веќе јавно го изразија своето незадоволство за доцнењето на нивните плати.

XS
SM
MD
LG