Линкови за пристапност

Растат бројките - над 21.000 загинати од земјотресот во Турција и Сирија


Изгледите за спасување на повеќе луѓе во Турција и Сирија заробени под урнатините на земјотресот со јачина од 7,8 степени се намалуваат, но во петокот, четири дена по потресот, неколку преживеани беа извлечени од урнатините во провинцијата Хатај на југот на Турција.

Официјални лица велат дека бројот на жртвите од силниот земјотрес што го погоди пограничниот регион меѓу Турција и Сирија во понеделникот сега е повеќе од 21.000, што го прави најсмртоносниот сеизмички настан во светот по земјотресот и цунамито во 2011 година, во кои загинаа речиси 20.000 луѓе во Јапонија.

Спасувачките екипи се отежнати во напорите за пронаоѓање на преживеани поради недостаток на опрема. Хуманитарниот конвој на Обединетите нации со шест камиони не можеше да стигне до Сирија до четврток преку преминот Баб ал-Хава, единствениот премин преку кој ОН се овластени да го користат, за пренесување хуманитарни материјали од Турција во области надвор од контролата на сириската влада на северот на земјата.

Патот кој води до преминот од турска страна беше оштетен во земјотресот. Стотици илјади луѓе ширум регионот останаа без покрив над главата на температури под нулата.

Турската агенција за управување со катастрофи во соопшти дека околу 110.000 персонал е вклучен во спасувачките напори и дека 5.500 возила, како што се трактори, кранови, булдожери и багери, се испратени за да ѝ помогнат на земјата која се опоравува од земјотресот.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја посети областа во близина на епицентарот на земјотресот во близина на градот Газиантеп и границата меѓу Турција и Сирија.

Ердоган прогласи седумдневна национална жалост и тримесечна вонредна состојба во 10-те провинции директно погодени од земјотресот. Тимовите за пребарување и итна помош од целиот свет се упатени кон Турција и Сирија додека спасувачките работници копаат низ урнатините во очајна потрага по преживеани.

Повеќе од 8.000 луѓе се извлечени од урнатините во Турција, рече потпретседателот Фуат Октај, а околу 380.000 се засолниле во владините засолништа или хотели.

Хуманитарците се справуваат со недостигот на гориво за нивните операции, како и со ниските температури и оштетените патишта и инфраструктура.

Светската програма за храна најави резерви на храна за областа, за кои Бенламлих рече дека се доволни за да се нахранат 100.000 луѓе, за една недела.

Светската здравствена организација има два авиони со медицински материјали кои се носат од нејзиниот центар во Дубаи до Дамаск. Сепак, итно се потребни повеќе залихи.

Беше упатен апел да се соберат 46 милиони долари за да се обезбеди помош во храна за половина милион луѓе во Турција и Сирија во следните три до четири месеци.

XS
SM
MD
LG