Линкови за пристапност

Охриѓани собираат помош за настраданите од земјотресот во Турција и Сирија


Охриѓани донираат за Турција и Сирија
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:59 0:00

Лекарот Никола Филев, на еден од собирните пунктови во Охрид, донесе пакети со детска облека. Тој е само еден од многуте граѓани, кои деновиве донираат за настраданите подрачја од катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија.

„Сите сме потресени од оваа лоша вест што ја добивме, меѓутоа во ваков момент сите хумани луѓе треба да сме подигнати на највисоко ниво и да помогнеме со тоа што можеме. И нашето семејство даде допринос тоа што можеме. Дадовме за дечињата за облекување, чизми, бидејќи таму е многу студено“, вели Филев.

Во канцелариите на младинскиот клуб на Турци во Охрид, триесеттина волонтери работат на пакување на се она што луѓето го донираат.

„Собираме облека, влажни марамици, памперси, јоргани, ќебиња. Веќе еден камион имаме полн, уште два камиони се по пат. Има доста и Македонци, кои што помагаат и многу сме им благодарни. Има голем интерес од фирми, хотели. Хотелите носат ќебиња, јоргани, перници навлаки“, вели Еда Рифат, претседателка на младински клуб на Турци.

Некои граѓани самоиницијативно се решиле да организираат акција за собирање на помош.

„Бидејќи ние ја сфаќаме нивната тешка положба, особено во овие зимски периоди, каде температурата е минус степени, се решивме самоиницијативно на неколку луѓе да собереме храна, обувки, облека, и други материјали и средства за лична хигиена. Јакни, блузи, обувки, детска облека, јоргани, ќебиња. Не очекуваме дека ќе има толку голем интерес“, вели Резан Јахја, иницијатор за собирање помош.

Акции за собирање има и на плоштадот Магнолија, како и на други локации се организира и во Битола.

„Пријатно сме изненадени од граѓаните. Донираат се што е неопходно за живот, за возрасни и за деца. Само денес мислиме дека ќе имаме три големи шлепери“, рече Суат Алилоски од Битола.

Сета собрана помош, со помош на Амбасадата на Турција во Северна Македонија, ќе биде дистрибуирана во најзагрозените места.

Од Охрид заминува и осум член тим од Територијалната противпожарна бригада со техничка опрема. За нив ова ќе биде прв ваков предизвик

„Имаме специјализирана техничка опрема, за вакви непогоди и комплексни ситуации. Планот е да помогнмене со две возила, едното џип и едно техничко возило, каде ќе биде сместена опремата наменета за вакви елементарни непогоди. Тимот е обучен и може да одговори на задачите“, вели Борко Јанкулоски, командир на Територијална против пожарна единица-Охрид.

XS
SM
MD
LG