Членовите на Асоцијацијата за цистична фиброза, со едноминутно молчење денеска пред владата, се збогуваа од Благојче Илиевски, еден од нивните најистакнати активисти кој почина вчера.
„Последните зборови му беа да го дочека лекот `Трикафта` кој живот значи“, рекоа членови од Асоцијацијата.
Смртта на Илиевски, поради бирократските постапки околу набавката на лекот, предизвика остри реакции во јавноста по што и следеше експресна реакција на надлежните за брза набавка на „Трикафта“ за најитните случаи.
„Пациентите со цистична фиброза не можат да чекаат веќе ниту една минута – ќе ги замолам сите надлежни да го донесат лекот за сите 60 пациенти.“, вели Ирена Василевска, родител.
Требаше ли некој да почине за да се донесе лекот?
„Не требаше. Ако порано се одлучеше, Благојче можеби и ќе беше жив.“, вели Ирена Василевска, родител.
Првиот човек на владата денеска потврди дека целиот случај со набавката на лекот е заплеткан во бирократски процедури. За премиерот ова е неприфатлива ситуација – остро ги критикуваше надлежните институции, пред се министерот за здравство...
Зошто толку се оддолжи, зошто кога ветивме. Тоа е поради истите причини поради кои патиме 30 години – неверојатна бирократијаКовачевски, премиер
„Зошто толку се оддолжи, зошто кога ветивме. Тоа е поради истите причини поради кои патиме 30 години – неверојатна бирократија. Бирократија која никогаш не размислува зошто нешто да не се направи, бирократија која не размислува кога граѓаните страдаат. Нема да чекаме, утрово се преземени конкретни чекори – да се одвојат пари за најкритичните заболени од цистична фиброза. Очекувам лекот да биде достапен набрзо што може. Немам намера да ми умре уште еден пациент, поради бирократија.“, изјави македонскиот премиер Ковачевски.
Ковачевски, кој попладнето се сретна со претставниците на Асоцијацијата за цистична фиброза, вели дека реагирал и кај министерот за финансии и кај директорот на фондот за здравство. Пред настапот на премиерот, министерот за здравство изјави дека вината не може да се гледа само во неговиот ресор.
„Јас изразив сочувство до Асоцијацијата на болни од цистична фиброза и они ја знаат мојата спремност за решавање на тој проблем, кој беше наталожен од други фактори, а не од министерството. Министерството не ги купува лековите, туку го организира системот и правно ги овозможува сите движења и давања на ингеренции за располагање и организирање. Министерството за здравство не би било најодговорната институција за тој случај.“
Опозицијата не се согласува – бара оставки, истакна Беким Сали, министер за здравство.
Многу задоцнето е глумењето на грижа и каење.Митева, ВМРО-ДПМНЕ
„Многу задоцнето е глумењето на грижа и каење. Наместо денес да барал од министерот Сали одговорност, Ковачевски веќе требаше тој самиот откако најрано во неговиот живот станал од спиење, да ја изготви неговата оставка, и сите граѓани да се спасат од оваа неспособност.“, оцени Марија Митева, ВМРО-ДПМНЕ.
По реакцијата на премиерот, министерот за здравство објави дека денеска се обезбедени 140 милиони денари за лекот „Трикафта“ за 8 пациенти со цистична фиброза, за жал, предоцна за Благојче Илиевски.