Линкови за пристапност

Неправедно е што Северна Македонија мора да трпи одлагања за ЕУ, вели унгарската претседателка Новак


За жал, роденденот на Гоце Делчев беше искористен од другата страна за кревање на тензиите, рече Пендаровски по средбата со унгарската претседателка
За жал, роденденот на Гоце Делчев беше искористен од другата страна за кревање на тензиите, рече Пендаровски по средбата со унгарската претседателка

Последниот период, македонско-бугарските односи се влошуваат – тоа е оценката на шефот на државата Стево Пендаровски дадена два дена по одбележувањето на 151-та годишнина од раѓањето на Гоце Делчев, настан околу кој се крена многу врева во соседна Софија.

Пендаровски, кој денеска ѝ беше домаќин на унгарската претседателка, е задоволен од тоа како помина чествувањето и како надлежните служби се справиле со ситуацијата.

„За жал, роденденот на Гоце Делчев беше искористен од другата страна за кревање на тензиите по мене сосема непотребно. Меѓутоа, мислам дека е неподелена оценката 4 февруари и од наша страна како држава сосема до крај, стопроцентно го положивме испитот и покажавме како една сериозна европска држава треба да се однесува со почитување на правата на луѓето да одат на почит на големиот македонски револуционер и притоа да се изолирааат сите што доаѓаат со лоша намера, односно доаѓаат со намера да провоцираат и да предизвикуваат немири. Ситуацијата на границата на денот на чествувањето беше кристално јасна. Пуштен бил секој што сака да влезе во земјава и да отиде на гробот на Делчев за да оддаде почит. Оние кои ја нападнаа полицијата беа приведени и депортирани“, рече Пендаровски.

Унгарија стои зад македонските евроинтеграции, уверува претседателката Каталин Новак, според која, нови одложувања во процесот може да наштетат на кредибилитетот на Унијата, но и на стабилноста на регионот и на Европа, која се соочува со војна на своите источни граници.

„Сметаме дека е баш неправедно што Северна Македонија мора да трпи одлагања и свесни сме дека доколку овој процес не може да продолжи онака како што треба, ќе се јави песимизмот во однос на зачленувањето. Зачленувањето на Северна Македонија во ЕУ го сметаме како важна и клучна улога за стабилноста на Западен Балкан и стабилноста на цела Европа. Ако во регионот нема стабилност тогаш во цела Европа не можеме да сметаме на стабилност“, вели Новак.

Унгарската претседателка, чија земја во ЕУ се перцепира како инаетлива во однос на заедничките европски санкции кон Русија и на моменти промосковски настроена, во Скопје излезе со јасна позиција кон војната во Украина.

„Ние ја осудуваме руската агресија врз Украина и стоиме на позицијата на неповредливост на суверенитетот на Украина. Војната донесе многу проблеми и затоа би сакале што побрзо да почне процес на склучување мир, прекин на огнот и преку тоа, долгорочно, да се создадт услови за безбедност на Европа.“

За азилот што Будимпешта му го одобри на екс-премиерот бегалец, Никола Груевски, Новак внимателно одговори дека тоа е прашање кое е во надлежност на унгарското правосудство.

На влегување во кабинетот на Пендаровски на Новак ѝ беше покажан шарпланинец, потег што дел од медиумите го протолкуваа како подарок за неа од македонскиот претседател.

Пенадровски, на неговиот официјален Фејсбук профил, објави дека со прекоманда од Армијата неодамна добил засилување во Кабинетот - македонски шарпланинец, тримесечниот Рок.

Со ЕУ може да преговараме, ама Роки не можеме да го дадеме“, рече Пендаровски.

XS
SM
MD
LG