Линкови за пристапност

Бугарскиот историчар Атанасов: Бугарија е пред парламентарни избори и ќе ја заостри реториката кон Македонија


Димитар Атанасов историчар во Институтот за етнологија и фолклористика при Бугарската академија на науките во интервју за Гласот на Америка вели дека македонскиот литературен јазик е факт и Бугарија нема како да продолжува да ги затвoра очите.

Глас на Америка: Како гледате на последните случувања на релација Скопје-Софија?

Димитар Атанасов: За жал последните случувања се негативни. Сметам дека на краткорочен план, односите помеѓу Бугарија и Северна Македонија, нема да се подобрат или тоа нема да биде значително. Знаете дека во Бугарија престојат парламентарни избори, а националистичката карта е една од доста користените на бугарската политичка сцена, а има и политички партии, кои само на тоа го градат своето присуство во општеството. Токму поради тоа за Македонија ќе се зборува лошо и уште полошо.

Глас на Америка: Дали Бугарија ќе продолжи со ветото врз Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ?

Димитар Атанасов: За жал тоа ќе биде негативно. Всушност малку е веројатно дека ветото како законска пракса тешко ќе се врати, но една бугарска политичка партија, презеде обврска да ја промовира формулата вето без вето. Односно ние да имаме можност на вето, но без практично тоа да се случи, за да не ги нервира европските партнери. Вето нема да има, но практиките на ветото ќе продолжат да бидат подржани, толку колку што му е од корист на бугарскиот национализам.

Глас на Америка: Дали последните случувања ќе влијаат на понатамошната работа на комисијата за историски прашања?

Димитар Атанасов: Мешовитата комисија за историски прашања веќе некое време не врши никаква работа. Така да јас не гледам колку полошо може да биде. За жал и овде прогнозата не ми е позитивна. Таа комисија уште од самиот почеток беше создаде како политички инструмент. Таа беше поврзана со дејноста на бугарските националисти, кои го користат македонското прашање за свој политички капитал. Тие луѓе нема да дозволат да има напредок во односните. Тие имаат корист во спротивното, во поддршката на конфликтите. Токму затоа сметам дека многу тешко, без радикални промени и од двете страни во нејзиниот состав и мисијата која и беше определена, би имале некаков позитивен исход.

Глас на Америка: Дали официјална Софија треба да го признае постоењето на Македонскиот јазик и нација?

Димитар Атанасов: Со сигурност тоа признание е време да биде. И тоа не е од вчера или од денес, туку од создавањето на македонската независна држава на почетокот на 90-те години. Македонскиот литературен јазик е факт и ние нема како да продолжуваме да ги затвораме очите. Обрнувам внимание на една од компонентите на владејачката коалиција во Бугарија пред 2021 година. Бугарските националисти, трупаат сериозен политички капитал од се што е поврзано со Македонија и околните држави на Бугарија. Во моментот Северна Македонија е во послаба позиција, со тоа што е кандидат за членство во ЕУ. Бугарија е внатре во ЕУ и тоа силно неравенство создава услови Македонија да страда, а бугарскиот национализам да добие некаков ресурс, кој инаку не би му бил на располагање. Од таа гледна точка, колку и да сакам да бидат признаени македонскиот јазик и македонската државност, колку и да мислам дека постои рационална формула ова да се случи и ниту една од страните да не претрпи штета, достоинството да биде испочитувано, зачувани да бидат научните стандарди, се уште има такви кои држат кон спротивното и во голема мера ја одредуваат бугарската политика агенда. Бидејќи од собраниската говорница многу полесно се слуша и секој еден конфликт многу полесно се распалува, кога ангажираните во него имаат високи политички позиции, можат да излезат по медиумите, каде можат да ги споделат.

XS
SM
MD
LG