Украинскиот претседател Володимир Зеленски се среќава со европските лидери во во Киев. Тој се надева дека ќе извлече брзо ветување за влез на неговата земја во Европската Унија и оти ќе издејствува наметнување на повеќе санкции кон Русија.
Сепак, аналитичарите велат дека неговите надежи за забрзан пат кон ЕУ најверојатно ќе бидат уништени, и покрај очајната потреба на неговата земја за поддршка за време на руската инвазија на Украина. Додека ЕУ ја поддржува Украина, таа не покажа никакви индикации дека е подготвена да го забрза процесот на зачленување.
Пред денешната средба, Зеленски се состана со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Во своето обраќање вчера, Зеленски им се заблагодари на фон дер Лајен и на „нејзините колеги и нашите пријатели во ЕУ за нивната опиплива поддршка на патот на интеграцијата и во заштитата на нашата земја и народ“.
Во меѓувреме, британското Министерство за одбрана денес рече дека регрутирањето на осуденици од групата Вагнер е значително намалено. Министерството соопшти дека руската Федерална казнена служба имала намалување за само 6.000 затвореници од ноември.
„Вработувањето на Вагнер веројатно беше главен фактор што придонесува за овој пад“, соопшти британското Министерство.
Русија вчера започна нови воздушни напади врз станбени области во источниот украински град Краматорск, иако највисоките функционери на Европската Унија се собраа во Киев во нов знак на поддршка за борбата на Украина против руската инвазија која трае речиси една година.
Во нападот на Краматорск доцна во средата загинаа најмалку три лица, а уште 21 беа повредени, соопштија властите, а во тек е потрага по најмалку уште една жртва што се смета дека е под урнатините предизвикани од ракетен напад.
„Краматорск повторно разбиен од експлозии. Русите извршија уште два ракетни напада“, напиша регионалниот гувернер Павло Кириленко на Телеграм.
Тој рече дека најмалку пет цивили се ранети во најновите напади што погодија станбени згради, како и детска клиника и училиште во срцето на градот, главен центар за украинската војска на исток.
Русија често напаѓаше станбени згради во војната што ја започна на 24 февруари, додека негираше дека цели на станбени објекти.
Украинскиот претседателски кабинет соопшти дека севкупно во последниот ден, руското гранатирање во Украина убило најмалку осум цивили, а ранило 29 други.
Дел од информациите во текстот се преземени од АП, Ројтерс и Франс-прес