Линкови за пристапност

ФБИ врши претрес во другиот дом на Бајден во Делавер


ВАШИНГТОН (АП) - ФБИ спроведува планиран претрес во домот на претседателот Џо Бајден во Рехобот Бич, Делавер, како дел од истрагата за потенцијалното неправилно ракување со доверливи документи. Ова денес го изјави личниот адвокат на Бајден.

Денешниот претрес следи по 13-часовен преглед на неговиот дом во Вилмингтон, Делавер на 20 јануари, кога агентите пронајдоа дополнителни документи со доверливи ознаки и документи со некои од неговите рачно напишани белешки.

Претседателот доброволно му дозволи на Одделот за правда да влезе во неговите резиденции додека истражителите се обидуваат да утврдат како доверливите документи од времето на Бајден како потпретседател и како сенатор завршиле во неговиот дом и канцеларија.

Истрагата за документите на Бајден ја води специјалниот советник Роберт Хур, поранешен главен федерален обвинител во Балтимор. Тој ја започна својата работа оваа недела, наследувајќи ја повеќемесечната истрага што веќе ја презедоа агентите на ФБИ и обвинителите на Одделот за правда во САД.

Семејството Бајден го купи домот во непосредна близина на плажата, во јуни 2017 година, неколку месеци откако тој го напушти потпретседателството.

Извор: Асошиетед прес

XS
SM
MD
LG