Владата вели дека годината била тешка и полна со предизвици со кои државата успеала да се справи, опозицијата пак тврди дека 2022 е година на промашувања и осиромашување.
Со дијаметрално спротивни оценки излегоа двата политички табора за изминатите 12 месеци, откако во јануари 2022 новата влада предводена од Димитар Ковачевски стапи на должност.
Според премиерот, владата, во услови на војна во Европа, успеала да го заштити стандардот на граѓаните, да ги зголеми минималната и просечната плата, да отвори нови работни места, да донесе стратешки одлуки за домашното производтсво на храна и струја. Ковачевски ги најави приоритетите за 2023.
„Најважниот проект за иднината на граѓаните и на државата е европскиот проект, за којшто исто така отворивме можности и којшто отвора пат за ефикасна реализација, според европски стандарди, на сите други проекти. За таа цел, повикувам на одговорно однесување, во име на добрата иднина на сите и на нашата држава“, вели Ковачевски.
Не пропушти да ги спомене нарушените односи со Бугарија – вели дека е задоволен зашто Софија покажува сигнали на деескалација по неодамнешните изјави и повлекувањето на амбасадорот од Скопје. И покрај силното противење на опозицијата, премиерот верува дека е можно годинава да се случат уставни измени.
„Во оваа 2023-та година очекувам нов исчекор во европските интеграции. Верувам дека може да се постигне европско парламентарно мнозинство кое ќе ги осигура европските перспективи. Оваа оценка ја темелам на фактот дека големото мнозинство граѓани во државата, на последните парламентарни избори, дадоа доверба на проевропски политички субјекти, коишто составија проевропска Влада“, рече Ковачевски.
Уставни измени во 2023 сака да види и Европската Унија. Другите очекувања ги испорача амбасадорката на Шведска, земјата претседавач со ЕУ.
„Одговорот на прашањето за клучните приоритети со кои се соочува земјата во пристапниот процес со ЕУ е едноставен, но истовремено и многу тежок, а тоа е прашање за промена на Уставот и широкиот опсег на реформи кои што мора да бидат преземени и имплементирани. Политичките лидери на Северна Македонија ќе решаваат за евентуална промена на Уставот и вклучување на оние кои се произнесуваат како Бугари“, вели Ами Ларсон Џаин, амбасадорка на Шведска.
Опозицијата вели дека не гледа ништо позитивно во едногодишното функционирање на владата на Ковачевски.
„СДСМ И ДУИ нема со што да се пофалат, освен со тоа дека ја втурнаа земјата во инфлаторна и енергетска криза и дека ќе продолжат и понатаму на тој начин“, вели Наум Стоилковски од ВМРО-ДПМНЕ.
Иако и власта и опозицијата повикуваат на обединување, 2023, на политички план, продолжува исто како што заврши 2022 – со огромни разлики за клучните прашања од кои меѓу другото зависи и динамиката на земјата во процесот на ЕУ пристапување.