Линкови за пристапност

Финска навестува влез во НАТО без Шведска


ХЕЛСИНКИ (АП) - Финскиот министер за надворешни работи денес даде сугестија дека земјата може да размислува за влез во НАТО без Шведска, доколку Турција продолжи да ја блокира нивната заедничка кандидатура за влез во воената алијанса.

Шведска и Финска аплицираат за членство во НАТО по инвазијата на Москва во Украина, напуштајќи ја својата долгогодишна политика на неврзаност. За нивниот пристап е потребно одобрение од сите постојни членки на НАТО, вклучително и Турција, која досега го блокираше проширувањето, велејќи дека Шведска особено треба да се бори против курдски милитанти и нивните симпатизери.

Во понеделникот, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган повторно ја предупреди Шведска да не очекува поддршка за нејзината апликација по протестите викендов во Стокхолм од страна на антиисламските активисти и прокурдските групи.

Запрашан за заедничкиот влез на Финска со Шведска, Хависто изјави дека неговата земја ќе мора „да ја процени ситуацијата ако се покаже дека апликацијата на Шведска е во застој“.

Хависто подоцна им рече на новинарите во Парламентот дека неговиот коментар е „непрецизен“ и дека амбициите на Финска да влезе во НАТО заедно со Шведска останува непроменета.

Тој рече дека разговарал со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој на Хависто му нагласил дека воениот блок би сакал да го види приклучувањето на двете земји истовремено.

Досега, Шведска и Финска беа обврзани заедно да се приклучат на алијансата.

„Ова е прва пукнатина во досегашното прилично импресивно единство меѓу Шведска и Финска“, рече Пол Левин, директор на Институтот за турски студии на Универзитетот во Стокхолм. „Финска во моментов е невина жртва на континуираните провокации од шведските групи кои го критикуваат пристапот во НАТО, заштитена со многу либералните шведски закони за слободата на говорот.

Ако Турција истрае да го блокира пристапот, се сомневам дека Финска во одреден момент ќе мора да си замине сама“.

Шефот на шведската дипломатија Тобијас Билстром рече дека Стокхолм е „во контакт со Финска за да дознае што навистина се мисли“. Во изјава за Асошиетед прес, тој рече дека Шведска го почитува „договорот меѓу Шведска, Финска и Турција во врска со нашето членство во НАТО“.

XS
SM
MD
LG