Линкови за пристапност

Алијанса почнува со внатрепартиски разговори за влез во Влада


СДСМ и ДУИ најавија дека вратата за Алијанса во Владата е отворена. Две недели е крајниот рок кој од Алијанса го дадоа за разговорите во партијата да завршат со одлука. Досега не добиле конкретна понуда за ресори и директорски места. Алтернатива смета дека Алијанса се обидува да го спаси Ахмети, a СДСМ и ДУИ дека по секоја цена се обидуваат да стигнат до 80 пратеника за да ги изгласаат уставните измени

КУМАНОВО - Алијанса сепак ќе почне внатрепартиски разговори за влез во мнозинството и во Владата. Ова е одлуката која денеска беше донесена на Конгресот на партијата на која се избра и партиското раководство.

Централното претседателство на Алијанса за Албанците ќе ги води преговорите со Владата. Две недели е крајниот рок за финиширање на преговорите кои го дадоа од партијата и потоа ќе се донесе одлука. Понуда за влез во Влада, барем официјална нема, а претседателот на партијата Арбен Таравари рече дека се шпекулации дека им се понудени два ресори, министерствата за здравство и правда.

„Централното Собрание го овласти централното раководство на партијата односно Централното Претседателство на Алијанса за Албанците евентуално да одлучи понатаму. Официјален партиски тим ќе разговара следните шест - седум дена до максимум две недели за евентуално вклучување на Алијанса за Албанците во Владата. Ако тоа продолжи повеќе, евентуално да прекине со преговорите и да донесе конечна одлука“, рече Таравари по завршување на Конгресот.

Она што е јасно е дека Алијанса ќе ги поддржи уставните измени во секој случај но ако влезат во Влада ќе водат борба против корупција и ќе се борат за владеење на правото и правна држава.

„Имавме предлог мерки за антикорупција и правна држава. Да се донесат закони за ветинг на судии и обвинители. Има и други работи кои што не би сакал да ги нагласам во моментов меѓутоа овие се клучните работи. Нашиот фокус ќе бидат антикорупција и правна држава“, рече Таравари.

СДСМ и ДУИ отворено ја повикаа Алијанса за влез во владеачкото мнозинство за да ги засилат редовитеи бројките во Собранието и да се доближат до фамозаната бројка од 80 пратеници за гласање на уставните измени односно внесување на Бугарите во Уставот. Владеачкото мнозинство не е целосно сигурно дека има поддршка од неколку пратеници кои се блиски до т.н. „огнена група“ во ДУИ но и од тројцата пратеници на партијата „Алтернатива“.

Денеска пак од „Алтернатива“ соопштија дека влезот на Алијанса во Владата е само обид за спас на политичката кариера на Али Ахмети. Доколку станува збор за план на СДСМ и ДУИ да стигнат до бројката од 80 пратеници, од Алтернатива потсетуваат дека пратениците на Алијанса може да го сторат тоа во Собранието и без да бидат членови на владината коалиција.

„ Ако Алијанса одлучила да го спаси Али Ахмети и со тоа да се претопи во ДУИ тоа е нивна работа. Но тоа не е добро, да се маскира со наводна борба против корупција и интеграција на државата во Европска Унија. Еве еден конкретен апел до нив, кога ќе одлучуваат за евентуален влез во Владата нека се произнесат и за амандманот на Алтернатива кој предвидува политичката корупција да не може да застари и со тоа на дело ќе докажат дека имаат капацитет да се борат против корупцијата. Би било додбро и тие што заговараат евентуално приклучување на Алијанса во Владата, да објаснат дали ова е конкретен план да се стигне до бројката од 80 пратеници за уставни измени бидејќи ова може да донесе намалување на коалицискиот потенцијал на патот кон Европската Унија“, изјави Орхан Муртезани, портпарол на „Алтернатива“ и директор на МЕПСО.

XS
SM
MD
LG