Каде и да си, за Водици во Битуше да си. Тоа е девизата на жителите и потомците од бројни генерации во познатото мијачко село. Причината за тоа е што во Битуше, за време на православното одбележување на празникот Богојавление – Водици, се одржува уникатен обичај, кој само таму од целиот мијачки крај со векови ја задржал својата изворна форма.
Обичајот во 2019 година беше прогласен за културно наследство, но тој сè уште се одржува благодарение на самоиницијативноста и упорноста на жителите на Битуше да ја продолжат традицијата од нивните предци.
За време на празникот жените со табли на глава, во кои се сместени домашен леб и погачи, одат низ селото и пеат песни за здравје во домовите, во семејствата, во селото
Главни во одбележувањето на празникот во селото се жените. Тие се именуваат кумстарки и се облечени во традиционални носии, што со генерации се предаваат од мајка на ќерка. За време на празникот кумстарките со табли на глава, во кои се сместени домашен леб и погачи, одат низ селото и пеат песни за здравје во домовите, во семејствата, во селото..
Притоа посебно се пеат и песни посветени на машките членови на семејствата. Како што објаснуваат жителите, во овој обичај се отсликува минатото на селото, кога повеќето од возрасните мажи заминувале на печалба, при што жените биле тие што останувале да бидат одговорни за одржување на домовите и семејствата. Со пеењето песни, жените им посакувале здравје на мажите гурбетлии.
Уникатност во Битуше е што за Водици се предаваат и два крста, односно има две кумства. По две куќи, две фамилии, секоја година се прогласени за кумови и ги чуваат крстовите во нивните домови. Следната година, старите кумови церемонијално им ги предаваат крстовите на други две фамилии.
Пренесувањето на кумството се одвива по точно одреден редослед, при што за крстот повторно да дојде во некоја фамилија, може да поминат и до 30 - 40 години.
Карактеристично за Водици во Битуше е и служењето ручек после церемонијалното преземање на крстовите. Во двете куќи, каде е пренесено кумството, се организира обилен оброк, но предноста ја имаат жените. Прво женските членови од семејствата и гостите седнуваат да јадат, додека мажите ги послужуваат или чекаат надвор пред куќите.
За време на Водици, во Битуше се полнат речиси сите домови. Како што објаснуваат жителите, обичајот е поттик за обновување и одржување на куќите во селото и неговата инфраструктура.