Стејт департментот соопшти дека двајца од патниците кои загинаа во авионска несреќа во неделата во Непал се американски државјани, додека други двајца се постојани жители на САД.
Авионот на „Јети ерлајнс“ се урна кога се приближуваше до меѓународниот аеродром во подножјето на Хималаите, при што загинаа сите 72 лица во авионот.
„Нашите мисли се со семејствата на оние во авионот“, изјави портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс на брифинг со новинарите.
„САД се подготвени да го поддржат Непал на кој било начин во овој тежок момент“.
Истрагата за тоа што ја предизвикало несреќата е во тек, а учествуваат тимови од производителот на авионот, Агенцијата за воздухопловна безбедност на Европската Унија и Француската агенција за истраги за воздушни несреќи.
Пребарувачите ги пронашле снимачите на гласот и податоците за летот во пилотската кабина еден ден по несреќата.
Дел од информациите во текстот се преземени од Асошиетед прес и Ројтерс