„Бев нападнат од пет кучиња. Беше многу страшно, се исплашив. Паднав, ги повредив рацете, грбот и ја удрив главата. Посакувам за ваше добро и за доброто на туризмот да се превземе нешто“, вели Лино, турист од Малта.
Лино е турист од Малта, кој во Струга дошол на неколку дневен одмор. Но поради инцидентот, предвреме се вратил назад. Тој е само еден од многуте граѓани во државата, кои се нападнати од улични кучиња, а чиј што број секојдневно се зголемува. Проблемот ескалираше, кога жител на Струга, неодамна со огнено оружје застрела седум кучиња.
Но, Здруженијата за заштита на животни велат дека вината за вакавата состојба треба да се бара во институциите, кои изминатите години ништо не направиле за да се реши ова прашање, а не во нив.
„Небаре ние сакаме да има глутници кучиња ширум улиците. Ние сакаме да бидеме сочуствени кон животните“, коментира Климент Арнаудов, активист за заштита на животните.
Според Арнаудов, решение на проблемот постои, тој е едноставно и не бара многу трошоци, споредбено со трошоците кои се прават по основ на пријави на каснување од кучиња. Со години се применувале во развиените земји, каде не може да се сретне бездомно куче на улица.
„Едното решение е да се воведе систем на контрола и мониторинг не само на бездомните кучиња, туку и оние со сопственик. Контролата може да се примени на терен и преку систем на чипирање. Второто решение да се прибегне кон масовна стерилизација и кастрација на кучињата бездомни и оние кои имаат сопстевник, а кој што неможе да ги вдомат кучињата, кои несакано би се спариле. И третото решение го гледаме во прифатилишта на ниво на град“, коментира Климент Арнаудов, активист за заштита на животните.
Неопходна е додава и драстична контрола на истоварот на кучиња кој се прави од една во друга општина.
Во последните три години 3600 граѓани низ земјата пријавиле напади од улични кучиња. Од нив дури 500 се деца. Но се смета дека бројките се многу поголеми од официјалните,а општините исплаќаат илјадници евра оштети.
„Само се намножуваат кучињата и овој проблем ќе биди, додека општината не преземе нешто. Да се кастрираат и да се пуштаат. Секоја година по 50, по 100 кучиња, како што ќе кастрираме, ќе се намали и бројот на размножувањето“, вели Сељами Речи, ветеринар.
Стружани се загрижени за својата лична безбедност:
„Кучињата не се виновни. Криви се луѓето што ги носат и што ги пуштаат. Овде во Струга е катастрофа. За се локалните власти треба да поведат грижа, но не сакаат, штом вака ни се случува. Имам видено дека доаѓаат со камиони и ги носат од Гостивар. Тетово, од секаде кучињата“.
„Да, проблем е. Не само за Струга и по селата има групи од по десет кучиња“.
„Според мене градоначалникот треба не да седи во канлцералија, туку да работи, да прави место за нив како во цел свет“.
Локалните власти во Струга велат дека подготвуваат проект за прифатилиште за бездомни кучиња и упатија барање до Владата да помогне во реализацијата на овој проект, преку заеднички средства или од ИПА фондовите.