САД и Велика Британија соопштија дека ќе го повикаат Иран на одговорност за кршење на правата на иранскиот народ.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен им рече на новинарите дека минатонеделната егзекуција на Али Реза Акбари одговара на моделот на злоупотреба од страна на иранската влада што вклучува „притворања, тортура, присилни признанија, неправедни егзекуции“.
„Бевме згрозени од егзекуцијата на г-дин Акбари, исто како што бевме згрозени од сето она што го гледавме на улиците на Иран во последните месеци од почетокот на овие протести - масовни апсења, лажни судења, егзекуции, употреба на сексуално насилство како алатка за сузбивање на протестите“, рече Блинкен.
Британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли, кој вчера се сретна со Блинкен во Вашингтон, рече дека и Велика Британија и САД „стојат со храбриот и достоинствен народ на Иран додека ги бараат своите права да живеат без терор и угнетување“.
Клеверли рече дека Британија воведе санкции за оние кои се вклучени во егзекуцијата на Акбари, вклучително и иранскиот јавен обвинител, како и за членовите на иранската полиција за морал и судството вклучени во репресијата против демонстрантите.
Тој рече дека народот на Иран ѝ кажува на владата дека не се задоволни со сегашниот систем во земјата и дека владата треба да направи промени.
„Едноставната порака што би ја пренел е дека тие треба да се променат, не за наша корист, не поради она што го кажуваме или правиме, туку затоа што нивните луѓе бараат од нив да го сторат тоа“, рече Клеверли.