Линкови за пристапност

Светот е во несреќна состојба поради климатските промени и војната во Украина, рече Гутереш во Давос


Генералниот секретар на ОН ја пренесе својата мрачна порака на економскиот форум во Давос, во исто време кога дојде веста за хеликоптерската несреќа во Украина, при која загинаа 18 лица, меѓу кои и министерот за внатрешни работи на Украина
Генералниот секретар на ОН ја пренесе својата мрачна порака на економскиот форум во Давос, во исто време кога дојде веста за хеликоптерската несреќа во Украина, при која загинаа 18 лица, меѓу кои и министерот за внатрешни работи на Украина

Светот е во „несреќна состојба“ поради безброј меѓусебно поврзани предизвици, вклучувајќи ги климатските промени и руската војна во Украина, рече Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, на состанокот на Светскиот економски форум денес.

Гутереш ја пренесе својата мрачна порака на вториот ден од елитниот собир на светските лидери и корпоративните директори во швајцарскиот ски-центар Давос, кога дојде веста за хеликоптерската несреќа во Украина во која загинаа 18 лица, меѓу кои и министерот за внатрешни работи на Украина и други официјални лица.

Претседателот на форумот Борге Бренде побара 15 секунди молчење, а украинската прва дама Олена Зеленска ги бришеше насолзените очи, нарекувајќи го „уште еден многу тажен ден“, Таа потоа им порача на присутните дека „ние исто така можеме да ја промениме оваа негативна ситуација на подобро“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски беше договорен да се обрати преку видеоврска, додека украинската делегација во која е и неговата сопруга се залага за поголема помош, вклучително и оружје, од меѓународните сојузници за борба против Русија.

Непосредно пред Зеленски зборуваше германскиот канцелар Олаф Шолц, кој се соочува со притисок да испрати тенкови за да ѝ помогне на Украина, и е единствениот лидер што присуствува на Давос од Г7 најголеми економии.

Гутереш рече дека најшироките нивоа на геополитичка поделба и недоверба во генерациите ги поткопуваат напорите за справување со глобалните проблеми, кои исто така вклучуваат проширување на нееднаквоста, криза на трошоците за живот предизвикана од зголемената инфлација и енергетска криза, долготрајни ефекти од пандемијата на ковид-19, прекини во синџирот на снабдување и многу повеќе.

Тој ги издвои климатските промени како „егзистенцијален предизвик“, укажувајќи на глобалната посветеност да се ограничи порастот на температурата на Земјата на 1,5 Целзиусови степени.

Извор: АП

XS
SM
MD
LG