Линкови за пристапност

Затворениот Американец во Иран започна штрајк со глад и апел до Бајден да го врати дома


Иранскиот Американец Сијамак Намази започна седумдневен штрајк со глад за да го сврти вниманието на неговиот континуиран притвор во Иран, а истовремено го повика американскиот претседател Џо Бајден да ги врати дома сите Американци кои се затворени во Иран.

Намази беше уапсен во 2015 година и осуден, за како што рекоа САД и Обединетите нации, лажни обвиненија за шпионирање.

Неговата жалба денес дојде во форма на писмо до Бајден, објавено од адвокатот на Намази, Џаред Генсер, на седмата годишнина од договорот во кој Иран ослободи пет Американци во замена со САД да им понудат помилување на седум Иранци. Таа размена се совпадна со спроведувањето на иранскиот нуклеарен договор, во време кога Бајден беше потпретседател на САД.

„Кога администрацијата на Обама несовесно ме остави во опасност и ги ослободи другите американски граѓани кои Иран ги држеше како заложник на 16 јануари 2016 година, владата на САД му вети на моето семејство дека ќе ме врати безбедно дома за неколку недели“, напиша Намази. „Сепак, седум години и двајца претседатели подоцна, останувам затворен во озлогласениот затвор Евин во Техеран, како најдолго држениот иранско-американски заложник во историјата“.

Намази ги наведе, како што ги нарече, „добронамерните изјави“ од високи американски функционери дека ослободувањето на американските заложници од Иран е главен приоритет, но дека научил да не ги подига своите надежи.

И покрај тоа што велеше дека ќе одбие да јади седум дена, Намази го повика Бајден да помине по една минута во секој од тие денови „посветен на размислување за неволјите на американските заложници во Иран“.

Таткото на Намази, Бакер, беше уапсен во 2016 година откако отпатувал во Иран да го посети својот син и поминал години во затвор по истите обвиненија пред да биде ослободен во октомври.

Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес, агенција Франс прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG