Линкови за пристапност

Празнување во чест на Мартин Лутер Кинг 


АП - Годишните почести и комеморации за животот и оставината на свештеникот Мартин Лутер Кинг Џуниор, кои започнаа на национално ниво во петок, обично вклучуваат мешавина од политика, религија и општествено корисна работа.

Ова е 37-мо одбележување на денот откако беше прогласен за федерален празник, во 1986 година. Бернис Кинг, ќерка на починатиот борец за граѓански права, се надева дека чествувањето ќе поттикне напредок за повеќе Американци да ја персонализираат тековната борба за расна еднаквост и хармонија. Таа рече дека луѓето мора да ги продлабочат своите заложби за таков напредок.

„Треба да го промениме нашето размислување“, рече Кинг, која е извршна директорка на Центарот Кинг во Атланта.

Под мотото „Почнува со мене“, Центарот во четвртокот ги започна настаните за Денот на Мартин Лутер Кинг Џуниор со собир на млади и возрасни за едуцирање на јавноста за начините за трансформирање на неправедните системи во САД.

„Се чини дека само минуваме низ овие циклуси, бидејќи се обидуваме да пристапиме на работите со истиот начин на размислување што ја создаде расната нееднаквост“, изјави Кинг за Асошиејтед прес.

„Промената може да биде многу мала“, рече таа, „но трансформацијата значи менување на карактерот, формата и природата на нешто. Тоа е нешто што сè уште не сме го виделе“.

Други настани предвидени за викендот вклучуваат откривање на статуа во Бостон, симпозиум за полициската бруталност во Акрон, Охајо и проекти за општествено корисна работа во многу градови во САД. Празникот започнува уште една година на застапување на агендата за расна правда - од полициски реформи и зајакнувањето на гласачките права до решенија за економските и образовните разлики - што беше задушувано од културните војни и партиските ќор-сокаци во Вашингтон и на национално ниво.

Во недела наутро, претседателот Џо Бајден треба да зборува на комеморативна служба во баптистичката црква Ебенезер, историската куќа за богослужба во Атланта каде што Кинг проповедал од 1960 година до неговиот атентат во 1968 година. Црквата била реставрирана од свештеникот и сенатор Рафаел Варнок, кој неодамна победи на изборите за целосен мандат како прв црн американски сенатор од Џорџија.

Во понеделник, на самиот ден на празникот, настаните во истиот дух продолжуваат во Атланта и во главниот град на САД, Вашингтон, како и на други места во државата.

XS
SM
MD
LG