Светската здравствена организација во средата соопшти дека ја повикува Кина да обезбеди повеќе информации околу нејзиниот пораст на случаи на ковид-19.
„СЗО сè уште верува дека смртните случаи се недоволно пријавувани од Кина, а тоа е во врска со дефинициите што се користат, но исто така и со потребата лекарите и оние што известуваат во јавниот здравствен систем да бидат охрабрени да ги пријават овие случаи и да не се обесхрабруваат“, изјави за новинарите Мајкл Рајан, директорот за итни случаи на СЗО.
Рајан ги пофали напорите на Кина да го зголеми бројот на легла во единиците за интензивна нега и да користи антивирусни средства во почетокот на третманот.
Недостатокот на податоци од Кина доведе до тоа голем број земји да бараат тестирање за кинеските патници.
„Во отсуство на податоци, земјите донесоа одлука да преземат претпазлив пристап и (СЗО) рече дека тоа е разбирливо во вакви околности“, рече Рајан.
Некои информации за овој извештај се од агенцијата Франс прес.