Линкови за пристапност

Даравелски побара повторно судење, доколку влезе во судница ќе биде слободен човек


Даравелски, преку својот адвокат побара повторно судење. Сега се е во рацете на кривичниот совет во скопскиот Кривичен суд. Она што е јасно е дека има застареност на кривично гонење за стореното кривично дело но не и застараност на извршување на казната од седум години затвор. Доколку има повторно судење делото е застарено, обвинителниот акт паѓа во вода и Даравелски е слободен човек

СКОПЈЕ – Екс шефот на Царина, дводеценискиот бегалец Драган Даравелски, денеска очекувано преку својот адвокат во Кривичниот суд достави барање за повторување на судскиот процес на кој во отсуство беше осуден на седум години затвор поради злоупотреба на службената положба и овластувања и финансиски малверзатии тешки 2,5 милиони евра.
Она што е јасно е дека доколку Даравелски повторно влезе во судница во скопскиот Кривичен суд ќе биде слободен човек бидејќи според законите и процедурите во државата гонењето за кривичното дело кој тој го сторил е застарено.

Адвокатот Душан Шарановиќ, правен застапник на Даравелски, одби да даде изјава и коментар на што се темели барањето.

Од Кривичниот суд соопштија дека е формиран предмет и за тоа ќе одлучува Кривичниот совет.

„Оформен е предмет кој е распределен пред надлежен Кривичен совет за понатамошно постапување. Советот, согласно Законските надлежности најпрвин ќе се обрати за податоци до установата каде истиот е на издржување на казната затвор, а потоа предметот ќе го прати на мислење до Основното јавно обвинителство. По комплетирање на списите, советот закажува седница и по донесената одлука странките и јавноста ќе бидат благовремено известени“, стои во официјалната информација на скопска единица.

Од кумановскиот суд кој според местото на живеење е надлежен за извршување на затворската казна информираа дека нема застарување на извршувањето на досудената казна бидејќи не е изминат законскиот рок. Рокот истекува во 2028 година а се должи на барањата за екстрадиција кои државата ги испрати до Србија каде живееше Даравелски а со кои се прекинува течењето на роковите.

„Со оглед дека од последното преземено дејствие од страна на судот нема изминато период од десет години, ниту пак изминало два пати онолку време колку што според законот се бара за застареност на извршување на казна, застареноста не настапила“, информираа од кумановскиот суд.

Од министерството за правда се повикаа на информацијата од кумановскиот суд дека апсолутната застареност настапува 2028 година а објаснија дека нивните ингеренции се однесуваат само на постапката за екстрадиција

„Министерството за правда е надлежно да постапува само и исклучиво во постапката за екстрадиција. Немаме надлежност да толкуваме постапки на суд. Дали ќе му биде повторена постапката или не, тоа е исклучиво во судска надлежност. Последен пат е барана екстрадиција за Драган Даравелски во јуни 2020 година. Досега немаме добиено повратен одговор од Србија. Претходно се поднесени барања за екстрадиција во 2004 и 2013 година“, одговорија од правда за Гласот на Америка.

Одговорот на прашањето дали ќе биде одобрено повторно судење на Даравелски лежи токму во барањето за екстрадиција од 2013 година врз основа на кое тој е уапсен во Србија и во членот 456 од Законот за кривична постапка.

Таму во став 1 е децидно наведено дека повторено судење со негово присуство може да се одобри доколку тој поднел барање во рок од 364 дена откако дознал за пресудата со која е осуден во отсуство, а тоа не е сторено во овој случај бидејќи барањето е поднесено денеска. Но во став 2 од истиот член пак е наведено дека повторно судење може да се одобри доколку Србија побарала и добила гаранции од државата дека на Даравелски ќе му биде дозволено повторно судење во негово присуство, што е направено во 2014 година.

Останува на Кривичниот совет да одлучи дали ќе го прифати став 1 и ќе го одбие барањето или ќе го прифати став 2 и ќе го одобри барањето за повторно судење.

Она што е јасно е дека доколку има повторно судење ќе има само едно формално рочиште на кое или Обвинителството ќе го повлече обвинението или судечкиот совет ќе констатиора застареност на делото.

Во секој случај конфискацијата на имотот на Даравелски останува.

Даравелски во отсуство беше осуден на седум години затвор во 2007 година за Злоупотреба на службената положба и овластувања.Според пресудата, тој го оштетил државниот буџет за 2,5 милиони евра во периодот од 1999 до 2002 година.

XS
SM
MD
LG