Бројни индустриски депонии создавани при работењето на поранешни индустриски капацитети низ државата, се сериозна опасност за луѓето и животната средина, алармираат еколошките активисти и стручната фела. Потребни се итни мерки за нивно решавање, велат тие. Се почна со чистење на депонијата со линдан кај фабриката Охис, но тоа сметаат дека не е доволно.
„Потребни се многу големи средства за да се исчисти целата депонија. Сега зборуваме за неколку илјади тони отпад, а таму имаме над 50.000 -60.000 тони. Треба поголеми средства и поголеми зафати, посебно што тоа е во градот Скопје, каде што 50.0000 - 60.0000 жители живеат и имаме работа со многу токсични хемикалии, канцерогени супстанци, кои што се на листата на поп супстанци, по Стокхолмската конвенција“, вели Трајче Стафилов, професор на Природно математички факултет.
„Додека ние чекаме големата и малата депонија кај Охис да се исчистат, започна проучувањето на локалитетот Пеленица, кој е во непосредна близина. Тие анализи сега покажуваат дека тие црни сценарија дека таму има 8.000 тони хемиски отпад, најверојатно ќе бидат 40.000 тони. До пред две - три години тоа беше многу популарна дестинација, каде децата од основните училишта ги носеа на екскурзии“, вели Ели Пешева од О2 Иницијатива.
Таа додава дека минатата година биле одвоени минорни средства за почеток на истражувањата.
„Тоа е во близина на Драчево, скопско. Тука има многу ниви. Тој линдан кој со тек на години е навлезен во почвите, навлезен е и во подземните води. Водите одат во бунарите. Жителите кои живеат тука си ги наводнуваат тие ниви. Без дилема покажуваат анализите дека целиот тој потег е контаминиран. Сето тоа завршува на нашите пазари, трпези, во нашиот организам и е директна закана по здравјето“, вели таа.
Во земјава постојат 16 жешки индустриски точки, за кои што ништо не е направено вели Пешева.
„Ние со години особено во овој период од годината, во декември кога се креираат буџетите и државниот и градските буџети бараме даноците собрани по основ на животна средина, да се користат за таа цел. Зборуваме за некоја ставка од околу 200-250 милиони евра кои ги собираме годишно. Да не бидат користени за други административни цели и потреби“, додава Пешева.
„Во Велес ја имаме депонијата со троскас, богата со тешки токсични метали, која е до градот, незаштитена. Депонијата во Југохром, каде имаме депонирано троска заедно со хроматни соли, кои што дождовните води ги раствораат и подземните води се загадени со опасност за загадување на подземното езеро кое ја обезбедува водата во изворот Рашче, ризик за загадување со шествалентен хром, кој исто така е на листата на канцерогени супстанци“, додава Стафилов.
Од министерството за животна средина признаваат дека чистењето на индустриските депонии бара многу финансиски средства. Велат дека иако во државата нема депонија за опасен отпад, реализирале низа активности за намалување на нивното влијание врз животната средина.
Согласно специјалната физибилити студијата за контаминирани подрачја, во Република Северна Македонија, се евидентирани над три милиони тони историски индустриски отпад велат од министерството.
Надминувањето на проблемите, ремедијација на поголемите оптоварувања врз животната средина и на еколошките жаришта, наложува широк опсег на акции и големи финансиски средства, кои треба да се спроведуваат истовремено и во долг временски период, со инволвирање на сите засегнати страни.