Линкови за пристапност

За една година 20 илјади денари поскапи семејни трошоци


Синдикалната минимална месечна потрошувачка кошничка сега изнесува 51 илјада денари. Четиричлено семејство со две минимални плати не може да ги задоволи елементарните потреби бидејќи му недостасуваат 15 илјади денари. Парите и платите ја губат вредноста. За само една година, екононската криза и инфлацијата, ја поскапе месечната кошничка за дури 20 илјади денари


СКОПЈЕ – Речиси 20 илјади денари повеќе едно четиричлено семејство треба да издвои за да ги задоволи основните месечни потреби споредено со лани, покажуваат пресметките на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Ако лани во јануари минималната кошничка изнесувала 31.811 денари, минатиот месец таа чинела 51.234 денари пари со кои треба да се покријат трошоците за храна, облека, здравствени услуги, режиски трошоци, домување и превоз. Најголем дел од парите одат за храна и домување а поторшувачката кошнича покажува колку инфлацијата ги обезвредни платите во државата.

На едно четричлено семејство каде двајцата родители примаат минимална плата од 18 илјади денари ќе му недостасуваат дури 15 илјади денари за да може да ги задоволи елементарните потреби во текот на месецот.

Според ССМ Владата мора да интервенира со покажување на платите за да се амортизираат ценовните шокови и да се подобри стандардот на граѓаните и работниците.

„ Покрај зголемувањето на платите кое е неминовно, за да се помогне на граѓаните Државата и Владата мора да спречи раст на цените на основните животни продукти, да води сметка за спроведување на мерките кои се веќе донесени и да не дозволува профитерство од страна на одредени газди со цел да се обезбеди стабилност на домашната економија и притоа да се заштитат најранлилвите категории на граѓани и работниците и да се обезбеди правилна распределба на средствата и фискална консолидација. Очигледно зголемувањето на платите мора да го следи задолжително спречување на зголемување на цените преку инспекциските служби, особено поради поволностите кои се овозможија за плаќање на електричната енергија“,соопштија од ССМ.

Вчера и Државниот завод за статистика (ДЗС) излезе со податок дека 2022 година финишираше со стапка на инфлација од 14,2 отсто а цените на мало се зголемиле за 12,6 отсто. Најголемо поскапување е забележано кај храната и тоа лебот и житото, од 40 отсто, млечните производи и јајца 36,4 отсто, месото за 27,9 отсто и маслото за 23,7 отсто. Енормно зголемување на цените има и кај струјата од 30 отсто и кај топлинската енергија од 20 отсто.

Во јануари минатата година цените почнаа неконтролирано да растат, а со тоа се вивна и инфлацијата чиј пик беше во октомври кога достигна речиси 20 отсто. Народната банка интервенираше и за да ги ублажи последиците од високите цени, осум пати пати ја зголеми каматната стапка на благајничките записи кои од 0.75 проценти сега изнесуваат дури 4,75 проценти а токму од оваа стапка зависи како ќе се движат каматите и на кредитите и на депозитите. Експертите се скептични дека годинава ќе има некаква круцијална промена и се на ставот дека цените ќе продолжат да растат и граѓаните да осиромашуваат.

XS
SM
MD
LG