Линкови за пристапност

ЕУ и НАТО изразија поддршка за поголема воена помош за Украина


Лидерите на НАТО и Европската унија ја зајакнаа својата посветеност да и дадат воена поддршка на Украина за да се спротивстави на руската инвазија стара речиси една година, вклучително и обезбедување напредна противвоздушна одбрана и друга опрема.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави за новинарите дека мисли дека Украина треба да ја добие сета воена опрема што и е потребна за да се одбрани, „бидејќи ги бранат и основните принципи на Повелбата на ОН, на основните права и на меѓународното право“.

Зборувајќи заедно со Фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел по состанокот во Брисел, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ги поздрави најавите во последните денови на Соединетите држави, Германија и Франција за плановите да и обезбедат на Украина нови видови оклопни возила. Тој ја истакна потребата да се задржи фокусот и на обуката, одржувањето и муницијата за постоечките системи што сојузниците веќе ги испратија до силите на Украина.

„Сојузниците на НАТО и членките на ЕУ ги потрошија своите залихи за да и дадат поддршка на Украина, и тоа беше вистинската работа бидејќи ова се однесува и на нашата безбедност и, се разбира, треба да ги искористиме нашите способности, нашите резерви и нашата муниција за поддршка на Украина“.

Столтенберг додаде дека иако украинските сили успеале да нанесат загуби на руската војска, Русија не треба да се потценува и претседателот Владимир Путин не покажал никакви индикации за промена на „општата цел на неговата брутална војна против Украина“.

„Режимот во Москва сака поинаква Европа. Сака да ги контролира соседите и ги гледа демократијата и слободата како закана“, рече Столтенберг. „Ова ќе има долготрајни последици за нашата безбедност, затоа мора да продолжиме да ја зајакнуваме виталната трансатлантска врска во НАТО, мора да продолжиме да го зајакнуваме партнерството меѓу НАТО и Европската унија и мора дополнително да ја зајакнеме нашата поддршка за Украина.

Некои материјали во овој извештај се од Асошиетед прес, Ројтерс и агенцијата Франс прес.

XS
SM
MD
LG