Линкови за пристапност

Бајден во Мексико ќе разговара за имиграцијата, трговијата и соработката меѓу САД, Мексико и Канада


Мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор од денес ќе биде домаќин на американскиот претседател Џо Бајден во Мексико Сити пред регионалниот самит на кој ќе учествува и канадскиот премиер Џастин Трудо.

Миграцијата, климатските промени, трговијата и производството се меѓу главните теми на агендата.

Прес секретарката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, рече дека со неговата посета, прва на Мексико откако стана претседател, Бајден очекува „да промовира заедничка визија за Северна Америка“.

Жан-Пјер рече дека Бајден ќе објави најави за проширување на соработката за борба против трговијата со оружје, дрога и луѓе, како и за справување со еколошките предизвици и чекори за „заедничко справување со нерегуларната миграција во регионот“.

Бајден пристигна доцна во неделата во Мексико, откако го посети градот Ел Пасо во Тексас за од прва рака да го погледне приливот на илјадници мигранти кои ја преминуваат границата со Мексико.

За време на неговата приближно четиричасовна посета на пограничниот град, Бајден се сретна и со службениците на царината и граничната заштита.

Покрај ѕидот на границата, тој исто така, го посети Центарот за поддршка на мигрантите во округот Ел Пасо, каде што се состана со локалните власти и водачите на заедницата.

По пристигнувањето во Тексас, Бајден го пречека гувернерот Грег Абот, кој му предаде писмо на Бајден. Абот го наведе „хаосот“ во неговата држава, велејќи дека ситуацијата е резултат на неуспехот на Бајден да ги спроведе федералните закони за имиграција.

Бајден по неговата посета напиша на Твитер дека е можно да се обезбеди американско-мексиканската граница и да се направи процесот на имиграција „уреден, фер, безбеден и хуман“.

„Мојата администрација ги користи достапните алатки за да ја ограничи илегалната миграција, да ги прошири легалните патишта до имиграцијата и да ја зголеми безбедноста“, рече Бајден. „Пристапот што го преземаме се заснова на модел за кој знаеме дека функционира. Но, за вистински тоа да функционира, Конгресот треба да дејствува“.

Посетата на Бајден дојде неколку дена откако на 30.000 Кубанци, Никарагваци, Хаиќани и Венецуелци ќе им биде дозволен влез во САД и ќе им биде дозволено да работат легално до две години доколку аплицираат од нивните матични земји, ако ја поминат проверката на позадината и докажат дека имаат финансиски поддржувач во САД.

Но, Бајден вели дека ќе бидат депортирани во Мексико доколку влезат илегално.

Некои материјали за овој извештај се од Асошиетед прес.

XS
SM
MD
LG