Бразилскиот претседател ги обиколи државните згради во главниот град Бразилија, кои во неделата беа нападнати од приврзаниците на неговиот противник во неодамнешната претседателска трка.
Луис Инасио Лула да Силва ги обиколи тешко оштетените згради доцна во неделата и нареди државна безбедносна интервенција во федералната област на градот. Тој вети дека ќе ги изведе сите кои беа вклучени во немирите пред лицето на правдата и вети дека ќе ја казни полицијата која не успеа да ги спречи демонстрантите.
Уредбата ѝ дава на владата посебни овластувања за воспоставување ред и мир во главниот град и трае до 31 јануари.
Бразилските власти соопштија дека уапсиле најмалку 200 приврзаници на поранешниот претседател Жаир Болсонаро кој во неделата го опустоши Врховниот суд, Конгресот и претседателската палата во Бразилија.
Илјадници демонстранти ги преплавија зградите. Видеото од нападот врз владините имоти покажува како демонстрантите кршат прозорци, се качуваат на покриви и други деструктивни активности. Асошиетед прес објави дека ентериерот на зградите е во руинирана состојба.
Бразилските власти соопштија дека имаат намера да ги повикаат на одговорност демонстрантите и ќе ја проверат зградата со отпечатоци од прсти и ќе ги разгледаат сликите и видео материјалите направени за време на уништувањето.
Министерот за правда, Флавио Дино, рече дека владата, исто така, ќе бара да открие кој платил за неколку стотици автобуси што ги превезуваа демонстрантите во Бразилија.
Поддржувачите на Болсонаро сакаат тој да биде вратен на функцијата и ја повикаа војската да изврши државен удар. Тој ги загуби неодамнешните претседателски избори од претседателот Лула, кој положи заклетва на функцијата пред една недела.
Балсонаро го напушти Бразил пред инаугурацијата на Лула и отпатува во Орландо во американската сојузна држава Флорида.
Инвазијата на демонстрантите врз зградите на бразилската влада беше иста како и нападот од 6 јануари 2021 година на американскиот Конгрес во Вашингтон. За разлика од Вашингтон, каде што пратениците беа на седница, зградите во Бразилија беа главно празни.
Силно полициско или воено присуство, исто така, отсуствуваше и покрај претходното предупредување дека приврзаниците на Болсонаро планираат вакви демонстрации.
„Нема преседан за она што го направија и овие луѓе треба да бидат казнети“, рече претседателот Лула во неделата.
Американскиот претседател Џо Бајден рече дека немирите во Бразил се „срамота“.
Џејк Саливан, советникот на Бајден за национална безбедност, на Твитер објави дека САД. „го осудува секој обид за поткопување на демократијата во Бразил“.
Мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор рече: „Обидот за државен удар на бразилските конзервативци поттикнати од раководството на олигархиската моќ, нивните портпароли и фанатици, е за осуда и недемократски. Лула не е сам, тој ја има поддршката од прогресивните сили на неговата земја, Мексико, американскиот континент и светот“.
„Насилните напади врз демократските институции се напад врз демократијата што не може да се толерира“, објави германскиот канцелар Олаф Шолц на Твитер. Тој рече дека Германија стои зад актуелниот претседател на Бразил.
Амнести интернешенел повика на релевантните власти „да спроведат брзи, непристрасни и ефективни истраги за актите од оваа недела, 8 јануари, да бидат соодветно истражени и санкционирани“.
Некои информации во овој извештај се од Асошиетед прес.