Британското Министерство за одбрана денеска соопшти дека украинскиот напад врз воена касарна во град под контрола на Русија во источна Украина бил со јак интензитет најверојатно поради тоа што Русија складирала муниција во близина на местото каде што биле руските војници.
„Со оглед на обемот на штетата, постои реална можност дека муницијата била складирана во близина на војниците, која се активирала за време на нападот, создавајќи секундарни експлозии“, напиша на Твитер британското министерство во својата најнова дневна проценка.
Британското Министерство за одбрана додаде дека Русија имала историја на небезбедно складирање муниција пред да ја започне својата инвазија на Украина, „но овој инцидент нагласува како непрофесионалните практики придонесуваат за високата стапка на руски жртви“.
Руското Министерство за одбрана рано во средата соопшти дека „масовната употреба“ на мобилни телефони од страна на нејзините војници довело до нападот кој се случил на 1 јануари.
„Веќе е очигледно дека главната причина за тоа што се случи е вклучувањето и масовното користење на мобилни телефони - спротивно на забраната“, се вели во соопштението на Министерството.
„Овој фактор му овозможи на непријателот да ги следи и одреди координатите на локацијата на војниците за ракетен напад“, додаваат од руското министерство.
Украина ја презеде одговорноста за нападот во Макивка во понеделникот. Руските сили го контролираат градот и го претворија училиштето во воени простории.
Рускиот генерал-полковник Сергеј Севрјуков во денешната видео-изјава рече дека бројот на загинати се искачил на 89, од 63 објавени во понеделникот. Тој рече дека под урнатините на зградата се пронајдени повеќе тела, пренесе агенцијата Франс прес.
Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес, Франс прес и Ројтерс.