Кина денес се спротивстави на новите барања за тестирање со ковид-19 за кинеските патници што ги воведоа голем број земји, велејќи дека мерките „немаат научна основа“.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг, на брифингот им рече на новинарите дека Кина може да воведе „контрамерки врз основа на принципот на реципроцитет“.
Кина забележа пораст на инфекции со ковид-19, а другите земји ја обвинија Кина дека не е транспарентна за нејзините податоци за инфекција.
Американскиот центар за контрола и превенција на болести минатата недела објави дека патниците од Кина ќе мора да обезбедат негативен тест за ковид-19 или доказ за закрепнување пред да им биде дозволено да се качат во авион. Во соопштението од центарот се наведува и „недостатокот на адекватни и транспарентни податоци за епидемиолошката и вирусната геномска секвенца што се пријавени“ од Кина.
„Овие податоци се од клучно значење за ефикасно следење на порастот на случаите и намалување на шансата за внесување на нова варијанта“, велат од центарот во САД.
Велика Британија, Франција, Канада, Јужна Кореја, Шпанија и Катар се меѓу групата други земји кои најавија слични барања за тестирање за кинеските патници.
Претставниците на Европската унија треба да се состанат утре за да разговараат за координиран пристап за политиките на Кина за ковид.
Некои информации за овој извештај се од агенцијата Франс прес и Ројтерс.