Линкови за пристапност

Зеленски предупредува на зголемени руски напади со беспилотни летала


Руските сили извршија воздушни напади на повеќе области во Украина во текот на ноќта, додека украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека Русија би можела да ја засили употребата на беспилотни летала од Иран.

Украинските власти денес соопштија дека најновите напади од руски ракети и артилерија го погодиле градот Дружкивка во источниот регион Доњецк, како и Харков во североисточна Украина и Дњепропетровск во југоисточниот дел на земјата.

Зеленски за време на неговото ноќно видео обраќање во понеделникот рече дека неговата влада има информации дека Русија планира „пролонгиран напад“ со беспилотните летала Шахед што ги користеше во последните месеци.

Зеленски рече дека Русија најверојатно се надева на „исцрпеноста на нашиот народ, нашата воздушна одбрана, нашиот енергетски сектор“, и воедно ги пофали оние кои се вклучени во одбраната на Украина од воздушните напади.

Претходно во понеделникот, Русија соопшти дека 63 нејзини војници биле убиени во саботата во украински ракетни напади врз нивните квартови во градот Макивка под руската контрола на делот на украинската област Доњецк.

Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес, Франс прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG