Линкови за пристапност

Русија истрела 69 проектили во Украина, 54 од нив соборени од украинската армија


Русија денес ја нападна Украина со низа проектили, вклучително и оние што го таргетираа главниот град Киев, како и градот Харков.

Украинската војска соопшти дека соборила 54 од 69 проектили лансирани од Русија.

„Бесмислено варварство. Ова се единствените зборови што ми паѓаат на ум кога Русија лансираше уште еден ракетен бараж врз мирните украински градови пред Нова година“, напиша на Твитер украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба. „Не може да има „неутралност“ пред ваквите масовни воени злосторства. Да се преправате дека сте „неутрални“ е еднакво да застанете на страната на Русија“.

Украинските власти соопштија дека системите за противвоздушна одбрана биле способни да ги соборат дојдовните проектили.

Градоначалникот на Харков, Ихор Терехов, извести за експлозии во неговиот град и рече дека властите утврдуваат што било погодено и дали има жртви.

„Во одреден момент на руските терористи ќе им снема проектили, но на Украинците никогаш нема да им снема храброст, посветеност на слободата и демократијата и љубов кон нашата земја“, напиша во четвртокот на Твитер украинската амбасадорка во Соединетите држави, Оксана Маркарова.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски се залага за мировен план од 10 точки со кој се повикува Русија да ја признае територијата на Украина и да ги повлече своите трупи.

Кремљ го повтори своето отфрлање на предлогот во средата, удвојувајќи го својот став дека Украина мора да ја прифати анексијата што Русија ја започна во септември по референдумите кои Украина и повеќето други нации ги отфрлија како лажни. Четирите украински региони ги вклучуваат Луганск и Доњецк на исток и Херсон и Запорожје на југ.

„Не може да има мировен план за Украина кој не ја зема предвид денешната реалност во однос на руската територија, со влегувањето на четири региони во Русија“, изјави во средата портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. „Плановите што не ја земаат предвид оваа реалност не можат да бидат мирни“.

Некои материјали за оваа статија се од Асошиетед прес, Ројтерс и агенцијата Франс прес.

XS
SM
MD
LG