Линкови за пристапност

Нема одговор за јавноста по пропустот за случајот „Онишченко“


Новиот директор на АНБ реферираше во собранието
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:47 0:00

Ниту првото појавување на новиот директор на Агенцијата за национална безбедност кој, на седница зад затворени врати, реферираше за случајот „Онишченко“ не даде одговори за јавноста за тоа како е можно да дојде до таков пропуст во една од главните безбедносни институции во земјата. Зарко Милошевски даде само куса изјава, без да одговори на новинарските прашања за тоа како украинско-рускиот бизнисмен, Олександр Онишченко, кој е на американската црна листа, добил „зелено светло“ од АНБ врз основа на што му е доделено македонско државјанство.

„Денеска јас ја исполнив својата законска обврска да реферирам по однос на случајот `Онишченко` пред Комисијата за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање. Детално ги образложив фактите и аргументите кои беа презентирани пред Комисијата со оглед на фактот што се работеше многу сензитивна материја и кои податоци се од строго доверлив карактер од највисок интерес, не би можел да ви дадам повеќе детали околу самото мое реферирање во рамките на Комисијата. Сите одговори на вашите прашања ќе ви ги даде претседателот на Комисијата и пратениците кои се дел од таа комисија“, рече Зарко Милошевски, директор на агенцијата за национална безбедност.

Но, ниту претседателот на собраниската комисија не изнесе детали од седницата, освен познатото – дека имало сериозни пропусти во АНБ. Причина – реферирањето на Милошевски беше класифицирано како државна тајна.

„Со оглед на доверливоста на информациите можам да споделам дека не информирам за одредени системски пропусти, дел од законски решенија и добивме еден редослед за тоа што се случувало во врска со овој случај. Директорот – и претходниот и актуелниот се именувани од владата и тоа на дневна основа одговара пред владата. Јас толку можам да информирам за седницата. Затоа владата споделува одговорност за тоа што работеле директорите на АНБ“, рече Љупчо Пренџов, претседател на собраниската комисија за надзор над работата на АНБ и на агенцијата за разузнавање.

Најголемата опозициска партија бара лична одговорност од претходниот директор на АНБ, Виктор Димовски, за кој е во тек постапка за упатување за амбасадор во Париз.

„Фразата `системски пропуст` при доделувањето државјанство на `Онишченко` носи и објективна одговорност, а таа најмногу може да се носи кај претходниот директор на АНБ. Затоа, ценам дека премиерот, заедно со МНР, треба сериозно да размислат за упатувањето на Виктор Димовски за амбасадор во Франција“, рече Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Онишченко веќе остана без македонското државјанство – владата ја поништи одлуката контроверзниот Украинец да има и македонски пасош. Дали Димовски ќе остане без амбасадорската позиција – во наредниот период на заеднички консултации ќе решат шефот на државата, премиерот и министерот за надворешни работи.

XS
SM
MD
LG