Линкови за пристапност

Со премиерот и претседателот треба да пресечеме што понатаму, рече Османи за тоа дали ексдиректорот на АНБ треба да биде амбасадор во Париз


Агенцијата за национална безбедност дозволи да му се издаде македонски пасош на Онишченко, Украинец кој е на американската црна листа
Агенцијата за национална безбедност дозволи да му се издаде македонски пасош на Онишченко, Украинец кој е на американската црна листа

„Јас имам оформено став, мој личен како министер, јас сум дел од тој процес, меѓутоа мислам дека е коректно прво тој став да го искомуницирам со претседателот и со премиерот“, одговори министерот за надворешни работи Бујар Османи на прашањето која е неговата позиција во однос на тоа дали поранешниот директор на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски треба да оди за амбасадор во Франција по обелоденувањето на аферата „Онишченко“ - издавањето македонски пасош на Украинец кој е на американската црна листа со претходен „амин“ токму од АНБ.

Османи, деталите прво ќе ги соопштел пред Пендаровски и Ковачевски, па потоа пред јавноста. Кога ќе биде средбата со претседателот и премиерот, не прецизираше освен што кажа дека ќе биде во наредниот период.

Османи денеска настапи внимателно за прашањето за дипломатската иднина на Димовски и за пропустот со Онишченко, кој доби и меѓународна димензија, откако, како што откри претседателот Пендаровски, за него се заинтересирале неколку амбасади во земјава, вклучувајќи ја и на САД.

„Комуницираме на тоа прашање со претседателот и со премиерот, но не сме седнале на формални консулатции за да донесеме одлука што понатаму. Се разбира дека мислењето на нашите НАТО сојузници е важно. Ние сме внатре во еден сојуз во кој разменуваме ставови и ние кажуваме што мислиме за некои луѓе во сојузнички држави ако имаме информции. Но, за конкретниот случај треба да седнеме со претседателот и премиерот и да пресречеме што понатаму“, рече Османи.

Шефот на државата, кој заедно со владата и со МНР е клучен во процесот на поставување амбасадори, во интервју за Канал 5, настапи многу подиректно за екс директорот на АНБ Виктор Димовски и неговата иднина како македонски амбасадор во Париз.

„Од моите контакти со премиерот и со министерот за надворешни работи, ми е речено дека за ова, во светлото на критиките кои ги добивме од некои влијателни земји членки и наши стратешки партнери, пред сè мислам на САД, дека треба да преиспитаме дали би требало да останеме на тоа решение или и некои други опции би влегле во игра“, изјави претседателот.

Информациите се дека новиот директор на АНБ Зарко Милошевски, наредил нова, проширена истрага за тоа како Олександар Онишченко, кој е на црната листа на САД, за што Виктор Димовски може да остане без амбасадорска позиција, воопшто добил македонско државјанство.

Најавите се дека Милошевски наодите од истрагата ќе ги соопшти на утрешната седница на собраниската комисија за надзор на работата на АНБ.

XS
SM
MD
LG