САД овој Божиќ се соочува со недостиг од Дедомразовци. Божиќни светилки има насекаде низ Њујорк, празничните излози на продавниците привлекуваат големи толпи купувачи, но има многу празни црвени столчиња каде Дедо Мраз традиционално ги поздравува децата.
„Недостигот што го гледаме се должи на побарувачката. Без разлика дали станува збор за домашна посета па сè до посета на трговски центар, нашата побарувачка е зголемена за над 20 проценти минатата година и над 120 отсто од нивото пред пандемијата“, вели Мич Ален од локална агенција за празнични забавувачи.
Ален вели дека покрај зголемувањето на побарувачката, ковидот имал реален ефект и врз регрутирање на Дедомразовци.
„Во 2020 и 2021 година, ковидот беше особено тежок за заедницата на Дедо Мраз. Изгубивме неколку стотици од нив, односно околу 10 проценти изминативе неколку години“, вели тој.
Но, некои заедници имаа среќа да резервираат Дедо Мраз оваа сезона, вклучително и оваа населба во Мидлтаун, Њу Џерси.
„Ние сме многу среќни што имаме некој кој сакаше да дојде и да направи посебен настан за нашите деца. Знаеме дека е тешко да се најдат луѓе овие денови, и навистина сме благодарни. Беше многу забавно“, вели Гери Тулп, организатор на забава со Дедо Мраз.
А децата имаат свои причини зошто сакаат да разговараат со Дедо Мраз.
„Има многу подароци што вашите родители не ви дозволуваат да ги купите бидејќи можеби се премногу скапи, но секогаш можете да сметате на Дедо Мраз да ги добиете“, вели Емили, гостинка на забава со Дедо Мраз.
И Дедомразовците се среќни да им подадат рака на децата, но оваа година тие се чувствуваат проптоварени.
„Денес добив 20 барања кои морав да ги одбијам затоа што веќе сум резервиран за одредено време. Во последните два месеца одбив 580 и тоа ти го крши срцето“, вели Џејмс Кели, Дедо Мраз.
За да се справат со проблемот со недостиг на Дедомразовци, организации како „Светската мрежа за Дедомразовци“ ги засилуваат образовните програми за да помогнат да се инспирираат идни Дедомразовци.
„Организирав огромен број часови и бесплатни електронски книги за луѓето да можат да го прикажат Дедо Мраз. Јас имам голема мисија да регрутирам луѓе со големо срце“, рече Ед Тејлор од „Светска мрежа за Дедомразовци“.