Непосредно пред Божиќниот празник, САД се наоѓаат пред голема бура. Илјадници летови беа откажани во четвртокот.
Националната метеоролошка служба на САД соопшти дека „историската зимска бура“ предизвикува нарушувања во голем дел од САД. Повеќе од 200 милиони луѓе, или околу 60 отсто од населението на САД, се под некаква форма на предупредувања или совети за зимски временски услови.
Асошиетед прес известува дека Јужна Дакота се соочува со „немилосрден ветер“.
Метеоролошката служба вели дека нејзината листа на предупредувања и совети за зимски временски услови е една од најголемите досега.
Американскиот претседател Џо Бајден предупреди во четвртокот на опасното невреме, велејќи: „Ова е навистина многу сериозен метеоролошки аларм“.
„Моќниот арктички фронт што донесе огромни падови на температурата во изминатите 24 часа ќе се пробие кон исток од четврток навечер кон петок“, соопшти метеоролошката служба. На многу места беше забележан остар пад на температурата.