За четири месеци застарува делото, примање награда за противзаконито влијание, за кое се товари во случајот „Титаник 2“, каде првично беше осуден на 3 години затвор, но Апелација ја укина пресудата и го врати процесот на повторно судење. Минатата недела Апелација ја укина пресудата и за предметот „Таргет - Тврдина“ – масовното прислушување на над 20 илјади граѓани каде Мијалков доби 12 години затвор и ја врати на повторно судење во Кривичниот суд а делото застарува во 2025 година
СКОПЈЕ – Наместо во судница во скопскиот Кривичен суд на рочиште за предметот „Титаник 2“ обвинетиот екс директор на тајната полиција Сашо Мијалков, остана во струшкиот затвор. Затворска управа соопшти дека не добиле наредба за Сспровод на Мијалков на денешното рочиште, Кривичниот суд тврди дека документот го испратиле на 13- ти овој месец.
Од Кривичниот суд велат дека на наредбата за спровод стои денешната дата на која требаше да се одржи рочиштето.
„Судечкиот совет кој постапува по предметот, на денешната главна расправа, по добивање на информацијата дека обвинетиот не е спроведен од Затворот Струга, пред сите присутни странки и јавноста на судењето ја прикажа Повратницата од достава на наредба за спровод, примена во затворот на 14.12.2022 година, а на која под графата Евиденција (ЕВ) за време е наведена датата 22.12.2022 година што е показател за денот кога треба да се изврши спроводот. Од судската пракса по која се постапува, наредбата може да содржи дата за насрочена прва главна расправа, а за сите понатамошни наредби важи Евиднтниот број на повратницата која ја добива Затворот“, соопштија од Кривичниот суд.
Директорот на затворот во Струга, Ваљон Ќула негира дека имаат добиено ново барање, а псоледнотот им е доставено за рочиштето закажано за 12ти декември.
Околу тврдењето на директорот на струшкиот затвор дека наредбата гласи за датата 12 декември од Кривичниот суд велат дека е нејасно како тој би ја спровел наредбата за спровод која ја добил на 14 декември односно два дека откако требало да го изврши.
Од министерството за правда пак соопштија дека Управатза извршување на санкции ќе утврдува чиј е пропустот што едно рочиште на процесот кој сериозно се ближи до застарување пропадна.
„Во врска со постапката за спроведување на Сашо Мијалков од КПД Струга на повторено судење за случајот ,,Титаник 2” ве информираме дека Управата за извршување на санкции ќе ги преземе сите активности кои се во нејзина надлежност и ќе направи вонреден надзор во установата за утврдување на фактичката состојба..Ќе се утврдува одговорност и ќе бидат санкционирани сите кои направиле пропусти, намерни или ненамерни.За извршениот вонреден надзор, јавноста ќе биде дополнително информирана.
Следното рочиште треба да се одржи во понеделник на 26 декември но сега веќе отворено се поставува прашањето дали процесот ќе заврши навреме со оглед дека кривично дело на Мијалков во „Титаник 2“ застарува за околу 4 месеци, и потоа не може да биде гонет. Кривичниот суд во 2019 го осуди поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков за примање награда за противзаконито влијание. Во декември истата година Апелациониот суд ја укина пресудата поради суштествени повреди на постапката и случајот го врати на повторно судење.
Апелацискиот суд минатата недела ја укина и пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“, масовното незаконско прислушување на над 20 илјади граѓани, каде Мијалков беше осуден на 12 години затворска казна.
Апелацискиот суд, невообичаено за сите досегашни пракси, работеше на овој предмет дури 14 месеци пред да донесе одлука да го врати на повторно судење во Кривичниот суд а пресудата ја објави 6 дена откако ја донесе.
Во соопштението на Апелација немаше ниту збор зошто предметот бил 14 месеци кај нив и кусо објаснување дека има „постои неусогласеност меѓу изречената пресуда и она што е наведено во нејзиниот писмено изготвен примерок, односно во изворникот на пресудата нема опис на противправните дејствија за секој од обвинетите.“
Кривичното дело за кое е обвинет Мијалков во овој предмет застарува во 2025 година и постои реална можност повторениот процес да не заврши и тој да се спаси.