Линкови за пристапност

Кирби: Русија нема да им диктира на САД или на која било друга земја каква помош и даваме на Украина


БЕЛА КУЌА - Дописникот на Гласот на Америка од рускиот сервис, Михаило Комадовски, разговараше со Џон Кирби, координатор за стратешки комуникации на Советот за национална безбедност за најновите информации за поддршката на САД за Украина и на други теми. Извадок од тоа интервју - во продолжение:

Глас на Америка: Да почнеме со Украина. Неодамна слушнавме повеќе извештаи за експлозии и наводни напади со беспилотни летала во Руската Федерација. Во едно ваше интервју рековте. „Ние не ги охрабруваме или овозможуваме украинските операции во Русија. Се обидуваме да осигураме тие да можат да ја одбранат својата територија и да ја вратат својата земја во Украина.“ Од ваша гледна точка, дали е можно да се победи војната без да се таргетира воената инфраструктура во Русија која активно се користи за напади врз украинските цивили?

Кирби: Мислам дека ќе им дозволиме на Украинците, особено на претседателот Зеленски како врховен командант, да дефинираат кои се нивните намери, кои се неговите конкретни цели. Она на што сме фокусирани е да се осигураме тие да можат да ја одбранат својата територија, да ја вратат изгубената земја што Русите незаконски им ја одзедоа.

Глас на Америка: Русија во четвртокот предупреди дека ако САД испорачаат некои софистицирани ракети за противвоздушна одбрана, како што се „Патриот“, тоа ќе биде црвена линија за нив и ќе предизвика реакција од Кремљ. И дали ова е причината зошто не ја најавувате испораката на Патриотите во Украина според планираното?

Кирби: Кога ќе имаме пакет за објавување, ќе разговараме за тоа, ќе зборуваме за содржината, ќе зборуваме за сумата на пари што се троши за тоа и ќе зборуваме за времето потребно да дојде во рацете на украинските војници.

Глас на Америка: Дали сте загрижени за предупредувањата кои доаѓаат од Москва до Вашингтон? Затоа што тие беа прилично јасни. Ако и дадете на Украина таков тип муниција, ние ќе одговориме.

Кирби: Русија нема да им диктира на САД или на која било друга земја каква безбедносна помош и даваме на Украина. Тоа го правиме во чекор со Украинците, разговарајќи со нив речиси секој ден за тоа кои се нивните потреби и се уверуваме дека најдобро ги исполнуваме тие потреби.

Глас на Америка: По размената на Бритни Гринер и Виктор Бут, вие рековте дека администрацијата ќе го повика Виктор Бут на одговорност доколку тој повторно направи нешто лошо или пак стане закана за Соединетите држави. Кои се грижите за националната безбедност поврзани со Бут?

Кирби: Направивме проценка на националната безбедност пред таа размена на затвореници, тоа е вообичаена практика, тоа го правиме рутински. Ние секогаш ќе бидеме будни за нашата национална безбедност и ако г-дин Бут со својата новооткриена слобода одлучи дека сака да се врати назад и да ја заврши својата стара работа, тогаш тој ќе одговара.

XS
SM
MD
LG