СКОПЈЕ – Нов, досега најмасовен бран на имејлови со закани за поставени бомби, денеска пристигна на електронските адреси на педесетина основни и средни училишта во Скопје и во Куманово. Уште по првиот час учениците ги напуштија училиштата а полициски тимови влегоа во училниците за да ја извршат неопходната проверка.
Како и досега заканите беа лажни.
Речиси два месеца учениците но и граѓаните се мета на овие закани за поставени експлозивни направи но МВР засега нема осомниечни ниту пак соопштува детали од истрагата. Министерот Спасовски стои на ставот дека станува збор за хибридни напади и дека се известени Интерпол Европол како и НАТО Алијансата од која досега официјално не е побарно помош во откривање на испраќачите.
МВР има формирано штаб кој работи исклучиво на откривање на испраќачите на заканите а деновиве ќе има и состанок на Советот за координација на разузнавачките служби.
„Сите меѓународни партнери се известуваат во однос на овие дојави кои ги добиваме. Споделуваме информации за да добиеме помош. Станува збор за ВПН конекции и не може да добиете точна ИП адреса од која е испратено тукус е појавуваат стотици адреси од провајдерот. Јас очекувам деновиве да се одржи и Советот за координација на разузнавачките служби на кој ќе треба да ги размениме сите податоци. Значи и Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање (АР) и Комитетот за борба против тероризмот, се со цел да преземеме низа на мерки не само конкретно во овој случај туку генерално во решавањето на проблемот со тероризмот“, изјави министерот Спасовски.
Претседателот Стево Пендаровски соопшти дека одблиску го следи текот на настаните и дека е во постојана комуникација со МВР. За сега не гледа причина за свикување на Советот за безбедност.
„Нема потреба за свикување на Советот за безбедност поради зачестените дојави за бомби. Заканите доаѓаат од ИП адреси од странство. Сите надлежни органи се максимално ангажирани и не допуштаат никаква шанса некој да постави експлозивна направа во училиштата. Јас сум во постојана комуникација со МВР. До овој момент нема потреба да се крева тоа на такво ниво. Од тоа што го знам, надлежните се постојано на дневна основа активни во однос на тие закани. Постојат два аспекта – кривично правен поради стресот, паниката, стравот што ги предизвикуваат кај децата, родителите, кај сите нас, и таа работа ја тераат надлежните органи. Меѓутоа тоа се ИП адреси кои се најчесто од странство и до кои тешко се доаѓа, како и до луѓето кои ги менаџираат. Сите надлежни органи се максимално ангажирани и не дозволуваат да има каква било шанса некој да постави експлозивна направа во нашите училишта”, изјави претседателот Пендаровски.
Според безбедносните експерти целта е да се предизвика став и паника кај населението што донекаде веќе е постигнато.
„Дојавите пристигаат се почесто бидејќи модусот за тешко октирвање веќе е познат. Истото се случува и во соседните држави. Се случува нешто што ние барем во оваа фаза не сме во можност да го иднетификуваме од каде доаѓа и кој ги испраќа“, изјави Злате Димовски, професор на факултетот за безбедност.
Дел од експертите сметаат дека со овие лажни закани се работи на истоштување на оперативните служби, се следи процедурата и постапките на безбедносните служби и во никој случај не смее да се исклучи можност дека може да има напад.
Денеска закани се испратени во девет училишта во Куманово.
„Ние претходниот ден имавме координација во соработка со МВР, ги известивме сите директори. Во некои училишта беа изведени одредени вежби за евакуација и денеска во сите училишта каде пристигнаа закани беше прекината наставата а учениците беа експресно евакуирани заедно со наставничкиот кадар“, изјави Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово.
Во скопската населба Аеродром закани пристигнаа во осум училишта.
„Апелираме за смиреност, да нема грижа или паника. Општина Аеродром има ангажирано приватна компанија која ги обезбедува училиштата 24 часа во денот“, изјави Тимчо Муцунски, градоначалник на Општина Аеродром.
Заканите кои прв пат беа испратени на 26 октомври ескалираа како по бројката така и по институциите каде се испраќаат. Ако во почетокот тоа беа исклучиво училиштата во Скопје, неделава таргет беа и државни институции. МНР, Народната Банка и полициската станица „Центар“ во Скопје мораа да боидат евакуирани, како и трговските центри „Ист Гејт“, „Сити Мол“ и ГТЦ но и најголемиот станбен комплекс во Скопје „Џевахир“.
МВР засега има само еден осомничен, малолетник кој признал дека од својот компјутер на почетокот на ноември испратил заканувача порака до четири училишта во Скопје.