Зарко Милошевски е новиот директор на Агенцијата за националана безбедност. Така реши владата на денешната седница. На врвната позиција во АНБ, Милошевски доаѓа по повеќегодишна работа во самата агенција каде бил помошник директор на одделот за безбедносни проверки и НАТО регистар.
За Милошевски не се знае многу освен тоа дека кариерата во безбедносните служби ја почнал пред 25 години во тогашната Управа за безбедност и контраразузнавање. Неговата експертиза е во сферата на спротивставување на насилниот екстремизам, заштитата на уставното уредување и спротивставувањето на тероризмот.
„Милошевски своето професионално доусовршување го спроведува од 1999 година до денес преку учество на повеќе домашни обуки организирани и имплементирани од страна на Единицата за специјални задачи при МВР и Бирото за јавна безбедност при МВР, како и на повеќе обуки во странство организирани и имплементирани од страна на Стејт департментот на САД, Министерството за правда на САД, Министерството за одбрана на САД, Федералното биро за истраги на САД, Дипломатската безбедносна служба на САД, како и Канадската безбедносна и разузнавачка служба“, стои во соопштението на Владата во кое се аргументира зошто токму Милошевски доаѓа на чело на најважаната безбедносна институција во земјата.
Тој, целата своја кариера ја поминал во Службата и во нејзиниот најтемен период кога некогашната УБК, под раководство на Сашо Мијалков, спроведе незаконско прислушување и следење на илјадници граѓани. Токму поради овој скандал УБК беше расформирана и нејзините ингеренции поделени меѓу Оперативно-техничката агенција (ОТА) и Агенцијата за националната безбедност (АНБ) со која од денеска раководи Милошевски.
Тој на функцијата го наследува Виктор Димовски, човекот во чиј мандат се случи еден од најсериозните пропусти на АНБ – давање „зелено светло“ за издавање македонско државјанство на проблематичниот украински бизнисмен Олександр Онишченко и покрај фактот дека тој е на американската „црна листа“ поради мешање во претседателските избори на САД. Димовски, кој е предвиден да биде иден амбасадор на земјава во Франција, призна дека Агенцијата направила грешка зашто не ја спровела последната проверка која предвидува координација со сојузнциите од НАТО и со САД. Интересно, новиот шеф на АНБ, Зарко Милошевски, доаѓа токму од одделот на Агенцијата во чија ингеренција се „безбедносни проверки и НАТО регистар“.