Линкови за пристапност

Украинските сојузници одобрија повеќе од 1 милијарда долари помош за Украина


Денеска колу 70 земји и институции ветија повеќе од една милијарда долари нова помош за Украина за поправка на инфраструктурата што Русија немилосрдно ја напаѓа со воздушните напади во последните недели, прекинувајќи го снабдувањето со електрична енергија и вода за милиони Украинци во текот на зимските месеци.

Откако глобалните претставници се состанаа во Париз, француската министерка за надворешни работи Катрин Колона рече дека парите доаѓаат и тие „не се заеми“.

Таа рече дека помошта ќе биде „префрлена во следните денови и во текот на зимските месеци, што ќе помогне да се зајакне отпорноста на цивилната инфраструктура“.

Околу 400 милиони долари би биле наменети за помош на енергетскиот сектор на Украина, кој Русија постојано го гаѓаше.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на состанокот преку видео врска изјави дека на неговата земја и се потребни најмалку 840 милиони долари.

„Многу е, но цената е помала од цената на потполна темница“, рече Зеленски.

Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека Русија се обидува „да го втурне украинскиот народ во очај“ и дека целта на конференцијата е да му помогне на украинскиот народ „да ја помине оваа зима“.

Колона изјави на прес-конференцијата: „Не можеме да ги оставиме Украинците сами соочени со зимата, соочени со нивниот агресор, кој се обидува да им нанесе тешкотии“.

Украинскиот премиер Денис Шмихал изјави за новинарите дека новата помош „е многу моќен сигнал. Тоа покажува дека целиот цивилизиран свет ја поддржува Украина“.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека ЕУ обезбедува 40 генератори за да им помогне на болниците за напојување во Украина и 800 генератори за употреба на други локации низ целата земја.

Фон дер Лајен рече дека земјите треба да направат се што можат за да работат заедно за да ја координираат, оптимизираат и забрзаат нивната поддршка за Украина и дека руската војна против украинската економија и основните услуги бара „цврст одговор“.

Конференцијата уследи по ветувањето во понеделникот од лидерите на Групата седум водечки индустриски развиени земји за исполнување на итните барања на Украина за воена и одбранбена опрема.

Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG