Линкови за пристапност

Конференцијата на донаторите во Франција се фокусира на инфраструктурните потреби на Украина


Франција ги собра меѓународните донатори денес на конференција фокусирана на помагање на Украина да се справи со руските напади врз инфраструктурата на земјата.

Состанокот вклучува владини претставници, како и компании и агенции за помош, со цел да и се обезбеди на Украина и финансирање и опрема што и е потребна, како што е електричната енергија и покрај руските напади.

Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека Русија се обидува „да го втурне украинскиот народ во очај“ и дека целта на конференцијата е да му помогне на украинскиот народ „да ја помине оваа зима“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски се обрати на конференцијата преку видео врска и им рече на учесниците дека на неговата земја и требаат електрични генератори исто колку што и се потребни оклопни возила за своите војници.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека ЕУ обезбедува 40 генератори за да им помогне на болниците за напојување во Украина и 800 генератори за употреба на други локации низ целата земја.

Фон дер Лајен рече дека земјите треба да направат се што можат за да работат заедно за да ја координираат, оптимизираат и забрзаат нивната поддршка за Украина и дека руската војна против украинската економија и основните услуги бара „цврст одговор“.

Конференцијата следи по ветувањето во понеделникот на лидерите на Групата седум нации за исполнување на итните барања на Украина за воена и одбранбена опрема.

Во соопштението објавено од Белата куќа, Г-7 ги осуди „континуираните нехумани и брутални напади на Русија насочени кон критичната инфраструктура, особено врз енергетските и водните објекти и градовите низ Украина“.

Во соопштението овие „недискриминирачки напади“ се нарекуваат „воено злосторство“. Осуда имаше и за оние кои „ја олеснуваат нелегалната војна на Путин“.

Германскиот канцелар Олаф Шолц, претседател на Г-7, се заложи за обнова на финансиската стабилност на Украина и ја спореди реконструкцијата на Украина со Маршаловиот план спроведен од САД за да и помогне на Европа да се обнови по Втората светска војна.

Во меѓувреме, руските сили во понеделникот со проектили, беспилотни летала и артилерија ја разбија источна и јужна Украина. Украинскиот премиер Денис Шмихал апелираше за ракетни батерии Патриот и други високотехнолошки системи за противвоздушна одбрана за да се спротивстават на руските напади.

Најмалку осум цивили се ранети во понеделникот во руски ракетен напад врз градот Хирник во источната Доњецка област, изјави гувернерот Павло Кириленко.

Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG