Линкови за пристапност

Иран го егзекутира вториот човек поврзан со протестите


Иран денеска соопшти дека ја извршил својата втора егзекуција на затвореник поврзан со националните протести кои започнаа во септември по смртта на една млада жена, која беше приведена од полицијата за морал, затоа што не ја покрила правилно главата со хиџаб.

Новинската агенција Мизан управувана од иранското правосудство соопшти дека Маџидреза Ранавард бил јавно обесен на градежен кран во градот Машхад како предупредување за другите.

Ранавард бил обвинет дека избодел со нож двајца припадници на безбедносните сили минатиот месец во Машхад, откако се налутил што властите убивале демонстранти. Демонстрациите избија низ целата земја по смртта на Махса Амини (22), додека беше во притвор.

Активистите велат дека Иран осудил најмалку десетина луѓе на смрт на сослушувања зад затворени врати и дека најмалку 488 луѓе биле убиени за време на речиси тримесечните протести. Активистите за човекови права во Иран, група која ги надгледуваше протестите, соопштија дека се приведени уште 18.200 лица.

Првиот човек осуден на смрт во врска со демонстрациите беше егзекутиран минатата недела.

Мизан објави колаж од слики на Ранавард како виси на кран, со врзани раце и нозе и црна прекривка над главата. Маскирани припадници на безбедносните сили држеле стража пред бетонските и металните бариери кои ги делеле со толпата што ја следела егзекуцијата.

Во Брисел, шефот за надворешна политика на Европската унија, Жозеп Борел, во понеделникот рече дека очекува министрите за надворешни работи на ЕУ да одобрат „многу, многу строг пакет санкции“ против Иран поради неговото задушување на демонстрантите и неговата улога во снабдувањето со беспилотни летала што Русија ги користеше за напад на Украина.

Некои информации за овој извештај се од Асошиејтед прес, Франц прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG