Линкови за пристапност

Детали околу замената на затвореници САД-Русија


САД и Русија во четвртокот извршија размена на затвореници, при што Москва ја ослободи професионалната кошаркарска ѕвезда Бритни Грајнер, а Вашингтон го предаде озлогласениот руски дилер со оружје Виктор Бут.

Русија соопшти дека размената била извршена во Обединетите Арапски Емирати, а подоцна американскиот претседател Џо Бајден, кој долго време вршеше притисок врз руската влада да ја ослободи Грајнер, официјално го објави нејзиното ослободување во Белата куќа.

„Таа го претставува најдоброто од Америка“, рече Бајден, истакнувајќи дека Грајнер ќе се врати во Соединетите држави во рок од 24 часа.

„Разговарав со Бритни Грајнер “, рече Бајден. „Таа е безбедна. Таа е во авион. Таа е на пат кон дома. По неколку месеци неправедно притворена во Русија, држена под неподносливи околности. Грајнер наскоро ќе се врати во прегратките на своите најблиски и таа требаше да биде таму цело време“, додаде Бајден.

Сопругата на Грајнер, Шерел Грајнер, им се заблагодари на Бајден и на низа американски функционери за нивните напори да ја ослободат нејзината сопруга по девет месеци затвор. Таа вети дека таа и Бритни Грајнер ќе ја продолжат својата поддршка за ослободување на Пол Вилан, уште еден американски затвореник во Русија, кој не беше вклучен во договорот од четвртокот.

Грајнер (32) беше приведена на московскиот аеродром во февруари кога пристигна во Русија со канистри со масло од канабис во нејзиниот багаж. Ѕвездата на женската национална кошаркарска асоцијација замина во Русија да игра за руски тим за време на нејзината оф-сезона во САД, но наместо тоа беше осудена за обвинение за дрога по краткото судење и осудена на девет години затвор.

Претходно оваа година, американскиот државен секретар Антони Блинкен и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров разговараа за потенцијалната размена на затвореници.

Во извонреден потег за време на инаку тајните преговори, Блинкен во јули јавно откри дека САД дале „суштински предлог“ до Русија за Грајнер и Вилан.

На крајот, Вилан, 52-годишен директор за корпоративно обезбедување од Мичиген, затворен во Русија од декември 2018 година под обвинение за шпионажа за кои неговото семејство и американската влада велат дека се неосновани, беше изоставен од договорот.

„За жал, и од тотално нелегитимни причини, Русија го третира случајот на Пол поинаку од оној на Бритни“, рече Бајден. „И, иако сè уште не успеавме да обезбедиме ослободување на Пол, ние не се откажуваме. Никогаш нема да се откажеме“.

Бајден му ветил на семејството на Вилан: „Ќе продолжиме да преговараме со добра волја. Го гарантирам тоа.”

Бут (55) отслужуваше 26-годишна затворска казна во Соединетите држави и еднаш го доби прекарот „Трговецот на смртта“. Кремљ долго време бараше негово ослободување.

Бут е поранешен советски воен преведувач кој стана меѓународен дилер на оружје. Тој беше затворен повеќе од една деценија, откако беше приведен во Тајланд во операцијата која опфаќаше три континенти.

„Виктор Бут, според моите очи, е еден од најопасните луѓе на Земјата“, изјави Мајкл Браун, поранешен началник на операциите на агенцијата за дрога, за емисијата „60 минути“ на Си Би Ес Њуз во 2010 година.

Но, апсењето на Грајнер кога пристигна во Москва ја направи најпознатата Американка затворена во странство. Нејзиниот статус на отворено геј афроамериканска жена, затворена во земја каде што властите беа непријателски настроени кон заедницата ЛГБТ, внесе расни, родови и општествени прашања во случајот. Американските новински куќи редовно ги пренесуваа нејзините настапи на суд.

Таа рече дека носењето на маслото од канабис во Русија било грешка.

Пред да биде осудена на 4 август, емотивната Грајнер се извини како што рече „за мојата грешка што ја направив“.

Таа му рекла на судијата: „Се надевам дека со твојата пресуда нема да заврши мојот живот“.

Некои материјали во овој извештај се од Асошиетед прес.

XS
SM
MD
LG